1.Да не е без ич
Биланост на македонските клубови во европските купови во машка конкуренција во оваа сезона, на крајот од годината е 17 порази, 2 победи и 1 реми во вкупно 20 одиграни натпревари.
Три од четирите екипи веќе ги завршија настапите. Вардар уште на стартот во квалификациите за Европската лига со два порази од Рајн Некар Левен. Тиквеш уште на стартот во 2. коло од Европскиот куп со една од двете драгоцени „македонски“ победи сезонава и еден пораз и со вкупно послаб скор од австриски Кремс. Алкалоид заврши во групната фаза од Европската лига во која имаше директен пласман, со четири порази, едно реми и една победа – втората драгоцена за македонскиот клупски ракомет сезонава.
Останува само уште шампионот Еурофарм Пелистер по паузата да ги доигра преостанатите четири кола во групната фаза од Лигата на шампионите, со досега максимална негатива со 10 порази од 10 натпревари.
Звучи помалку нереално, со оглед на тоа каков е односот на силите и статусот на едните и другите, ама во женска конкуренција збирно, билансот сезонава е троа подобар во однос на машката. Со потсетување дека таму сите три македонски екипи настапуваа(т) во Европскиот куп што е трето по ранг натпрварување на европската клупска сцена. Од вкупно осум одиграни натпревари, учинокот на македонските клубови во женскиот Европски куп на крајот од годината е пола-пола, четири победи и четири порази. По два порази и елиминација уште на стартот имаат ЖРК Куманово и ЖРК Чаир.
Додека, просекот го крева шампионот ЖРК Ѓорче Петров со четири победи од четири одиграни натпревари и продолжен настап во јануари, во осминафиналето од Европскиот куп. Освен што имаат максимални четири победи, од кои три им се со +40 постигнати голови, ѓорчепетровки имаати втор најдобар учинок меѓу 16 најдобри екипи во Европскиот куп, со просечна ефикасност од 66.8 отсто.
Еден позитивен зрак во релативно тмурната европска сезона за македонскиот клупски ракомет. Колку да не е без ич!
2.Жолти стрелки за „новите сини“
Тој што бил во Логроњо или што читал за „El camino de Santiago“ знае за симболиката на жолтите стрелки што им ја покажуваат насоката на патниците што тргнале на искушеничкиот пат од Логроњо до Сантијаго. Се верува дека тој што ќе го изоди патот обележан со жолтите стрелки, може да го победи секое искушение…
Патот до Сантијаго можеби и нема некоја директна врска со ракометот, но Логроњо има преку Ла Риоха. А, токму шпанска Ла Риоха влегува во клупската историја на РК Алкалоид како противник против кој тимот предводен од Кире Лазаров го освои првиот бод, а потоа и првата победа во дебитантската европска сезона во Европската лига. Ремито во Логроњо и минималната победа во Скопје ја подигнаа статистиката и го одлепија македонскиот вицешампион од дното на табелата во сезоната која можеше да биде и подобра и полоша, зависно од тоа кој со какви очекувања гледа.
Во кумулативната статистика на крајот од групната фаза во Европската лига, Алкалоид е на 24.место од 32 учесници со 57,6 процентна ефикасност.
Вон статистиката со четири порази, една победа и едно реми, позитивна придобивка за „новите сини“ од Автокоманда во првата европска сезона се искуството и природниот филтер. Од една страна забележителни настапи, посебно на двајцата талентирани ракометари од новата генерација – Марко Митев кој се наметнува како најсигурна опција на плејмејкерската позиција и голманот Иван Галевски, кој пак покажа дека заслужува и внимание и минутажа.
Од друга страна, филтерот покажа погрешни проценки во проектот, лимитиран капацитет на префорсирани таленти и истрошени ветерани и засилувања кои не прават видлива разлика. Полни пресови, а празна сала…
Дебитантската сезона во Европа, дефинитивно, постави неколку „жолти стрелки“ за „новите сини“ од Автокоманда.
3.Од крајност во крајност
Некој ќе рече до малерот е. Некој од желбата и неискуството. Некој пак – толку се можностите. Што и да е, Еурофарм Пелистер и против Загреб во ЛШ одигра солидно, но на крај сепак, недоволно за да мрдне од „нулата“ на дното на табелата, запишувајќи го 10-от пораз сезонава. Или календарски, битолскиот тим ја завршува 2023 со вкупно 13 порази на европска сцена, 10 од новата сезона во ЛШ и три од претходната во Европската лига одиграни на почетокот од годината, и со само она едно реми против Агуаш Санташ, и тоа од старата сезона.
Во меѓувреме, битолскиот тим годинава имаше две тренерски смени и сега-засега игра со трето „преодно решение“. Минатата сезона Еурофарм Пелистер не ја помина групната фаза во Европската лига, ама затоа па дома ја освои шампионската титула по цели 18 години. Со „големите“ во Лигата на шампионите битолскиот тим досега не се снајде најдобро. Десетте порази го зацементираа на дното во А групата со статистички најслаб напад, најмалку постигнати голови (230), најголема гол-негатива (-64) и најмала ефикасност од 52,9 отсто од сите други во најсилното европско натпреварување.
Но, за разлика од ЛШ каде пелистерци тешко доаѓаат до реализација, во дуелите на домашна сцена им се „одврзува раката“, па паѓаат и голгетерски рекорди. Во натпревар од Купот на Македонија, Еурофарм Пелистер против Шампион постигна дури 57 гола, славеше победа со 41 гол разлика, а Петар Атанасијевиќ постигна дури 32 погодоци што е нов голгетерски рекорд во македонскиот машки ракомет, за само еден гол помалку од апсолутниот рекорд на Матилда Атанасоска.
Како куриозитет во македонскиот ракомет ќе остане запишано и дека Шампион во еден ден два пати беше „жртва“ на која се „расшутираа“ шампионите. На „високиот“ пораз на машкиот тим на Шампион од Еурофарм Пелистер, истиот ден му претходеше уште повисок на женскиот тим на Шампион. „Шампионки“ загубија од шампионот ЖРК Ѓорче Петров со 45 гола разлика, а Емилијана Ризоска се запиша на голгетерската листа со 20 погодоци.
Дека во Македонија лесно паѓаат голови доказ е уште еден куриозитет – дури на девет од вкупните 15 средби во елиминациите од Купот на Македонија во машка конкуренција, победничката екипа постигнала над 40 гола.
Ако не е нешто трето, тогаш ова од една страна е показател за голема разлика во квалитетот меѓу екипите на македонската ракометна сцена.
Од друга страна, ова е и „црвена стрелка“ или повеќе „црвен триаголник“ за огромниот јаз меѓу ракометот што си го играме по дома и оној на европска сцена. Што пак на крај на денот, ја заматува и реалната перцепција за тоа до каде сме и колку (не) сме добри. Па, после се чудиме како тоа ни паднал рејтингот во Европа, а ние ваму лупаме 50-ки како од шега.