Репрезентацијата на Црна Гора, која во минатото коло од групната фаза беше поразена од Хрватска, денес се радуваше на важна победа, триумфираше против Сенегал со 29:21 (18:8) и ги сочува шансите за пласман во четвртфиналето на Мундијалот.
Кај Црна Гора најефикасни со по четири погодоци беа Јелена Деспотовиќ, Бобана Кликовац, Дијана Мугоша и Ивана Годец. Кај Сенегал се истакна Сањиа, која исто така имаше четири реализации.
Црногорките сега на табелата во првата група имаат шест бода и се израмнија со Шведска, која има натпревар помалку. Главните конкуренти на Црна Гора, репрезентациите на Унгарија и Хрватска, кои исто така се со натпревар помалку, имаат по четири, односно три бода.
Избраничките на Бојана Поповиќ во последното коло од групната фаза ќе се соочат со Шведска и ќе се обидат да дојдат до победа и пласман меѓу најдобрите осум светски репрезентации.
Црна Гора на Светското првенство 2023 пристигна со амбиции да избори квалификации за настап на Олимписките игри во Париз.
Романија со триумфот над Јапонија од 32:28 (17:14) се израдува на првата победа во главната фаза на Светското првенство. Романките сега со четири бода имаат шанси за четвртфинале, но за остварување на целта ќе треба да им се поклопат сите коцки.