Еден од акцентите на Ѓорче Петров во новата сезона е давање шанси на млади играчи, кои за неколку сезони би биле носители на играта во редовите на шампионот.
Најмладата во таборот на „лавиците“ десното крило Ева Божиновска во оваа сезона добива шанса да настапува и за сениорскиот тим.
17-годишната ракометарка е задоволна од настапите, но и од условите за работа, кои се неопходни за еден млад играч.
,,Оваа сезона станав дел од сениорскиот тим на Ѓорче Петров и морам да кажам дека сум многу задоволна од досега прикажаната игра на домашната сцена. Во клубот има одлични услови за работа и многу сум задоволна од целокупниот пристап на целата екипа кон дадените задачи. Мислам дека како екипа сме доста сложни и на секој тренинг владее одлична атмосфера. Секој го дава својот максимум и мислам дека тоа е клучно за нашиот успех во досегашниот тек од сезоната”, изјави Божиновска.
Ѓорче Петров во последните три кола за оваа година за ривали ги има екипите на Шампион, Астибо и Вардар. Актуелниот бранител на титулата е лидер на табелата со 30 бода и има десет од десет. Младата ракометарка се надева дека победнички ќе ја завршат годината со нејзиниот тим.
,,Во следните две кола играме со Шампион и Астибо, во секој натпревар влегуваме фокусирани и со дадена цел, па така ќе биде и во овие два дуели. Очекувам дисциплинирана игра со цврста одбрана по која е препознатлива нашата екипа. Последното коло го играме со незгодниот Вардар. Станува збор за екипа со доста квалитетни играчи, но и покрај тоа верувам дека оваа година ќе ја затвориме без пораз и со победа”.
Македонскиот шампион на европска сцена избори пласман во осминафиналето од Европскиот Куп. На дел од европските натпревари шанса доби и Божиновска која смета дека играњето во Европа е дополнителна мотивација за секој млад играч.
,,Годинава за прв пат ми се укажа прилика да играм во Европски Куп и за мене тоа пред сѐ претставува искуство, а потоа и задоволство. Иако сум најмлада во екипата, сепак добив шанса од тренерот Симе Симовски да се докажам и се надевам дека ја оправдав дадената доверба со добра игра, па и со постигнат гол, кој притоа дополнително ме мотивираше за уште понапорно да работам. Натпреварите во Европа се поквалитетни од оние на домашната сцена и сум среќна што добив шанса да учествувам на едно вакво натпреварување. Ни претстои дуелот со чешкиот тим Кинзварт и се надевам дека ќе имаме голема поддршка од публиката како на претходните натпревари и секако, целиме кон пласман во четвртфиналето во Европскиот Куп”.
Во ланската сезона Божиновска беше избрана за најдобро десно крило на Ф4 турнирот во кадетска конкуренција. Сезонава настапува и за младинскиот тим на Ѓорче Петров и во младинската лига, исто како и единственото женско сениорско натпреварување, се лидери на табелата.
,,Настапувам и за младинскиот тим на Ѓорче Петров. Моментално се наоѓаме на лидерското место на табелата, но ни претстои дербито со Вардар, дерби во кое што мораме да влеземе со 100% од силите. Самодовербата мора да е на високо ниво, притоа мораме да покажеме квалитетна игра доколку сакаме да останеме како лидери. Минатата сезона не успеавме да ја освоиме титулата, но се надевам дека оваа сезона со напорна работа и дисциплина ќе ја оствариме целта. Голема предност е тоа што тренирам и играм со сениорскиот тим и многу работи имам научено од работата со сениорките и пробувам максимално да го искористам моето знаење и да ги применам сите совети кои ми ги дава тренерот. Морам да напоменам дека од огромна помош ми се и поискусните играчи од првиот тим од кои што со задоволство ги применувам советите кои секојдневно ми ги упатуваат”, заврши Божиновска.
Тимот на Ѓорче Петров утре на свој терен со почеток од 11:00 часот го игра дуелот со Шампион.