Амбициозниот Охрид по јапонскиот среден бек Хироки Мацуока, е на прагот да се засили со уште еден интернационалец пред стартот на плеј-офот. Станува збор за црногорскиот пивот Адмир Пелидија, кој веќе тренира со тимот и се очекува да се договори за соработка со охриѓани.
Пелидија има 29 години, одлични физички предиспозиции (110/195) и би требало да им прави друштво на Иван Тасески и Владимир Бојаниќ на пивотменската позиција.
Кружниот напаѓач ги мина младинските репрезентации на Црна Гора, а има запишано и настапи за сениорската репрезентација.
Тој потекнува од Рудар Плевља, каде што играше до 2016 година, пред да замине на по една сезона во босанскиот Горажде, турскиот Беледије и шпанскиот Алкобендас.
Во сезоната 2019/20 играше за францускиот Бијер, а последните две сезони ги мина во романскиот шампионат во дресот на Бузау.
Охриѓани сезонава имаат високи амбиции и посакуваат борба за место во европските купови. Пласманот во плеј-офот е веќе потврден, а дали ќе пренесат два или еден бод, ќе биде познато следната недела.