Еурофарм Пелистер утре ќе го одигра последниот натпревар оваа година во Лигата на шампионите против хрватскиот Загреб.
Левиот бек Урош Борзаш вели дека Загреб е во налет, но пелистерци се тука за да им ја прекинат низата.
„Загреб е во одличен ритам и доаѓаат во налет. Ние сме тука да го прекинеме тој налет и се надевамe на победа. Работиме напорно секој ден, го анализираме противникот и се надевам и верувам во она што го работиме секојдневно и очекувам позитивен резултат. Треба да ги исправиме тие ситни грешки кои ги направивме во Загреб во последните дваесет минути. Правевме почетнички грешки, продадовме неколку топки и тие како искусна екипа тоа го искористија преку контра напади и тоа беше клучот за нивната победа. Париравме 40 минути и во одбрана и во напад и во полуконтра, но тој финиш ни беше навистина лош“, изјави Борзаш.
На повеќе дуели досега пелистерци беа блиску барем до бод, но не успеаја да го освојат.
„Губиме, но на секој натпревар сме блиску. Имавме опции за победа против ПИК Сегед и против Кил и против Келце. Тоа ни дава сила и мотив дека можеме некого да изненадиме оваа сезона до крајот на Лигата на шампионите. Имаме своја цел, а тоа е да откинеме бод на некоја голема екипа, така да ќе се обидеме до крајот на групата и тоа да го направиме. Ова е последен натпревар за оваа година во Лигата на шампионите и се надевам дека ќе ја израдуваме публиката и самите себеси пред празниците со победа против Загреб. Сигурно дека евентуалната победа против Загреб ќе ни даде многу, зголемена самодоверба пред домашните предизвици и ќе видиме до каде сме“, заврши Борзаш.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Загреб се игра утревечер од 18:45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.