Шампионот на Германија, Битигхајм, ги продолжи договорите со тренерот и уште пет ракометарки. Данецот Јакоб Вестергард ќе работи во клубот до 2026 година, а нови договори на две сезони потпишаа и најдобрата ракометарка Ксенија Смитс, потоа унгарската репрезентативка Доротеја Фалувеги, како и чешкиот среден бек Вероника Мала. Германските репрезентативки Анте Дел и Ени Беренд исто така потпишаа нови соработки.
Десниот бек Урош Којадиновиќ на лето ќе го напушти Партизан и ќе се пресели во францускиот Тулуз, каде што тренер е некогашниот српски репрезентативец Данијел Анѓелковиќ.
Капитенот на ГОГ Гудме, Андрес Закаријасен, според данските медиуми на крајот на сезоната ќе го напушти шампионот и би можел да се пресели во тимот на Силкеборг, каде што замина и средниот бек Мортен Олсен.
Францускиот Тулуз објави дека е продолжена соработката со четворица ракометари. Станува збор за капитенот Максим Жилбер, кој ќе остане до 2025 година, потоа португалскиот репрезентативец Гонсало Мартинс до 2026 година, додека екс вардарецот Бакари Диало и српското лево крило Немања Илиќ, потпишаа договори до 2027 година.
Естонскиот ветеран Маит Патраил до крајот на сезоната ќе игра за тимот на Ајзенах. Во богатата кариера тој долго време игра во Германија и ги носеше дресовите на Лемго, Хановер, Рајн Некар Левен и Хам Вестфален.