Данскиот шампион ГОГ преку клупската страна објави дека е прекината соработката со средениот бек Мортен Олсен.
Искусниот ракометар, кој во ланската сезона беше еден од најзаслужните за пласманот на ГОГ во четвртфиналето во Лигата на шампионите, со победа над Порто се прости од неговиот довчерашен клуб.
Олсен пред тековната сезона планираше крај на кариерата, потпиша договор со тимот на Рингстед, клуб во кој ќе беше помошен тренер, но раководството на клубот од Гудме инсистираше средниот бек да одигра уште најмалку една сезона, се со цел клубот да го повтори ланскиот успех од елитата, односно да направи чекор повеќе доколку се создаде прилика.
„Донесовме одлука да се разделиме, бидејќи тоа е најдобро за тимот и за клубот. Ако немате доверба еден во друг 100%, тогаш не може да имате соработка каква што посакувате, па иако не е лесна ситуација, сепак ваква одлука беше потребна, па сите страни може да тргнат по својот пат“, објавија од данскиот клуб.
Засега не е познато дали Олсен ќе ја заврши својата кариера или пак ќе продолжи да игра во друг клуб. 39-годишниот ракометар имаше блескави партии во ланската сезона, постигна 76 погодоци во Лигата на шампионите и му помогна на ГОГ да ја сочува домашната титула.
Искусниот ракометар во матичниот клуб се врати во сезона 2020/21, додека во својата кариера беше дел и од Виборг, Морс, Хановер, Сент Рафаел, Силкеборг и Ал Рајан.