Охрид се врати во трката за второ место, го доби дербито со Тиквеш

Охрид го доби дербито против Тиквеш од Кавадарци со 36-31 и се вклучи во трката за второто место во групата А од Супер лигата. Тимот од градот покрај езерото сега има подобар меѓусебен дуел од кавадарчани откако загуби на гости со 32-30, а дома славеше со повисока разлика.

Тиквеш има 30 бода на второто место, Охрид и понатаму е трет на табелата и има 27 бодови, но со две победи до крајот и пораз на кавадарчани од вицепрвакот, ќе може да се надева на второто место и да пренесе два бода во плеј-оф. Тиквеш, пак, ќе мора да слави дома против тимот од Автокоманда, за да го освои второто место. Кавадарчани може да бидат и први, но ќе мора да ги победат „сино-белите“ Автокоманда со повеќе од шест гола, а ќе се надеваат на нивен пораз од Куманово, што е тешко за верување дека ќе се случи.

Домаќинот водеше од стартот со два гола, до 6-4, пред упорните кавадарчани да израмнат на 6-6 преку крилото Коцев кој погоди во контранапад. Се играше гол за гол до 8-8, но домашниот голман Ѓорѓески почна да брани во серија. Тогаш момците на Стевче Алушовски успеаја да стигнат до највисока залиха дотогаш, плус три, 12-9, а дадоа и гол со играч помалку за 13-10. Беше искористена уште една од грешките на кавадарчани за 14-10.

Манасков намали на минус три, 14-11, но охриѓани организираа уште една добра акција, која беше крунисана со гол на Цирар. Тиквеш не успеа да го реализира последниот напад во првиот дел и на пауза се замина со 15-11 за Охрид.

На стартот на вториот дел беше 17-12, но кавадарчани врзаа два гола преку Мајиќ за 17-14. Во продолжение гостите не можеа да најдат решение за Орјоникидзе и за Шешиќ, па Охрид се одлепи на плус шест, 22-16. Но и домашните немаа идеја како да го запрат гостинскиот пивот Стефановиќ, но колку тешко Тиквеш ќе дадеше гол, толку лесно примаше во следниот напад и негативата не успеваше да ја намали под пет гола.

Кога Гал Цирар во 48. минута даде два погодоци по ред за петнаесетина секунди, искористувајќи две технички грешки на Тиквеш за 30-22, беше најавено дека бодовите ќе останат дома. Тренерот на кавадарчани, Никола Матлиески, повика минута одмор да ги смири своите избраници, но немаше ниту многу време за камбек, иако во финишот гостите се изборија за пристоен пораз.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Цирар со девет гола, како и Шешиќ и Орјоникидзе со по седум, додека Ѓорѓески имаше солидна партија меѓу стативите. Кај Тиквеш, Стефановиќ имаше седум реализации, додека по пет пати погодија Манасков, Обина и капитенот Симиќ. Во следната рунда Тиквеш му гостува на Скопје, а Охрид на Аеродром.

ПозЕкипаНПРЛБ
1АЛКАЛОИД11110033
2ВАРДАР 196111100130
3ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР1190227
4ОХРИД1180324
5БУТЕЛ1160518
6ТИКВЕШ 20141151516
7ПРОЛЕТ1142514
8ПРИЛЕП1141613