Со Французинките освои СП и ЕП, а сега ќе игра против нив!

Францускиот среден бек Њосан Ниомбла, го промени националниот тим и во иднина ќе го носи дресот на Сенегал.

Ниомбла со Франција има освоено злато на СП 2017 година и на ЕП 2018 година, но од 2019 година, Оливие Крумболц не смета на нејзините услуги и таа реши да го прифати повикот од Сенегал.

На дуелите од Златната лига, Французинките во првото коло играат против Сенегал, па на Ниомбла сигурно дека нема да и биде лесно да игра против некогашните колешки.

Ниомбла, која во моментов игра за романската Глорија Бистрица, го носеше францускиот дрес на 108 настапи, а на СП 2023 треба да го има првиот настап за Сенегал на големите натпреварувања.

Пред Глорија Бистрица, Ниомбла играше за Флери Луар, ЧСМ Букурешт, Мец, Шиофок, Париз, пред одново да замине за Романија.

Правилото на ИХФ за промена на национален дрес не се промени, па откако поминаа три години од последниот настап за Франција, Ниомбла може да го облече дресот на Сенегал.

Последен таков случај кај мажите беше со Марио Шоштариќ, десното крило на ПИК Сегед. Тој своевремено играше за Словенија, но од скоро го носи дресот на Хрватска.