Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер утре го игра осмиот натпревар во Лигата на шампионите.
Ривал на пелистерци во рамки од 8. коло од Лигата на шампионите е унгарскиот вицепрвак ПИК Сегед.
Двете екипи минатиот викенд за првпат ги одмерија силите, а бодовите ги освои тимот на ПИК Сегед, кој триумфираше со 34:26.
Десниот бек на Еурофарм Пелистер, Павле Петровиќ, ги истакна своите очекувања за утрешниот дуел.
,,На првиот одигран натпревар се држевме добро во првото полувреме. Не одигравме лошо ниту во второто полувреме, но имавме повеќе промашени зицери и сметам дека тоа беше причината за поразот од ПИК Сегед, но сега се подготвуваме подобро и ќе се обидеме да направи нешто. Можам да кажам дека како што почнавме кај нив, така ќе почнеме и во Битола. Мислам дека новото засилување Кузмановски ќе ни даде голема мотивација и во соблекувалната и на теренот. Ги повикувам навивачите да ни дадат поддршката како на претходните натпревари. Сметам дека на овој домашен дуел можеме да направиме нешто, односно да дојдеме до прва победа во Лигата на шампиони“, изјави Петровиќ.
Каспер Кисум, вели дека неговиот тим ќе мора помалку да греши во утрешниот дуел.
,,Одиграното прво полувреме во Сегед беше едно од нашите најдобри во оваа сезона. Сметам дека можеме да одиграме уште подобро, но сепак, мора да бидеме повеќе фокусирани, да играме квалитетна игра… Проблемот на првиот одигран натпревар со ПИК Сегед беа големиот број промашени зицери. Во Лигата на шампионите секоја грешка се казнува со гол, така што мора да ги сведеме грешките на минимум. Екипата на ПИК Сегед е одлична, се работи за динамична екипа. ПИК Сегед има одлични шутери, но и пивотмени кои играат добро, посебно во играта еден на еден. Ние шест на шест во одбрана игравме добро во поголем дел од натпреварот и треба да продолжиме со овој план на игра. Многу научивме од првиот натпревар и со нашите навивачи сметам дека имаме големи шанси да го победиме ПИК Сегед“, изјави Кисум.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПИК Сегед се игра утревечер во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:45 часот.
Ангеловски: Најважно е како ние ќе делуваме на терен, верувам во поволен резултат против ПИК Сегед