Довчерашната ракометарка на Чаир, Марија Николовска, по добрите настапи во Македонија си обезбеди трансфер на интернационална сцена. Николовска во понатамошниот дел од сезоната ќе настапува во шампионатот на Грција и ќе биде дел од тимот на АЕК Атина.
Дресот на клубот од грчката престолнина го носи и репрезентативката Драгана Петковска, па така Николовска нема да има многу проблеми околу адаптирањето во првиот интернационален предизвик.
Македонката веќе го имаше дебитанскиот настап за АЕК Атина и со десет погодоци го преводеше својот нов тим до победа над Коридалос од 30:25.
24-годишната ракометарка може да настапува на сите бековски позиции и АЕК Атина со нејзиното доаѓање ќе добие на квалитет, бидејќи Николовска покрај одличните организациски способности во офанзива, доста борбени игри прикажува во одбраната.
Со екипите на Чаир три сезони по ред настапуваше во Европа, поточно во Европскиот Куп и беше една од најдобрите стрелци во нејзиниот поранешен клуб.
Во својата кариера беше дел и од екипите на Вардар, Ѓорче Петров и Спартак, додека на репрезентативно ниво некоку пати учествуваше на подготовките во сениорската репрезентација.