Репрезентациите на Словенија и Србија одиграа без победник, 28:28, во вториот пријателски натпревар како дел од подготовките за Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Германија.
Иако Србија беше на чекор до победа, сепак, репрезентацијата на Словенија во последната секунда преку цепелин, кој беше реализиран од Ник Хенигман, а за асистенцијата се погрижи пелистерецот Нејц Цехте, стигна до реми.
Цехте дуелот со Србија го заврши со четири погодоци и беше меѓу најдобрите во својата репрезентација, додека неговите клупски колеги, кои играат во Србија, Богдан Радивојевиќ и Урош Борзаш, исто така се покажаа во одлично светло.
Радивојевиќ заедно со капитенот на Србија, Немања Илиќ, беа најефикасни со по шест погодоци, левиот бек Борзаш имаше три реализации.
Словенија на Европското првенство ќе игра во група со репрезентациите на Норвешка, Полска аи Фарски Острови. Србите за ривали на континенталниот собир ги имаат Исланд, Унгарија и Црна Гора.
Германија, која е еден од ривалите на Македонија, го одигра својот втор пријателски меч и во дуелот со Египет триумфираше со 28:27.
Босанската репрезентација во Брно беше поразена од Чешка со дури 12 гола разлика, 30:18.
Во рамки од Златната лига, репрезентацијата на Данска полесно од очекуваното ја совлада Холандија, триумфираше со 40:23, додека Норвешка славеше над Шпанија со два гола разлика 31:29.