Средниот бек на норвешкиот суперлигаш Драмен, Синдре Ахо, ќе го има првиот интернационален предизвик во својата кариера, откако потпиша договор со бундеслигашот Мелсунген.
26-годишниот ракометар, кој настапуваше само во својата татковина, ќе има можност своите квалитети и потенцијал да ги покаже во најквалитетната лига на светот.
Искусниот среден бек во редовите на Мелсунген се пресели од актуелниот лидер од норвешкиот шампионат, тимот на Драмен.
Ахо е првиот ракометар од Норвешка кој ќе заигра во амбициозниот тим на Мелсунген. Клубот кој од клупата е предводен од екс тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо, има одличен старт на сезоната и моментално се наоѓа на 3. позиција во Бундес лигата.
Бидејќи Домагој Павловиќ ќе отсуствува подолг временски период, раководството на Мелсунген правеше големи напори да доведе ракометар кој ќе може да го пополни неговото место, но и да биде вистинско освежување во екипата.
Новиот член на Мелсунген минутажата на терен ќе ја дели со искусниот ракометар од Шпанија, Ерик Баленсиага. Според најавите, тој во Мелсунген ќе остане до крајот на сезоната и ќе има можнсот да го продолжи својот договор, доколку двете страни бидат задоволни од соработката.