Шампионот Еурофарм Пелистер со нов триумф, Ангеловски славеше против поранешниот тим

Mакедонскиот шампион Еурофарм Пелистер забележа нова победа во Супер лигата, откако славеше на гостувањето кај новиот суперлигаш Мулти Есенс со убедливи десет гола разлика, 36-26.

Ова е прва победа на новиот тренер Бранко Ангеловски, кој се радуваше во Автокоманда против неговиот поранешен тим, кој го внесе во суперлигашкото друштво. Битолчани со половина сили, уште од стартот ставија до знаење кој е кој на теренот и домаќините воопшто не можеа ни да помислат на некакво изненадување.

Со неколку промени во ростерот, битолчани лесно ја решија задачата во Автокоманда. Пелистерци поведоа со 3-0, потоа набрзина беше и 9-3, а во нападот на гостите предничеше Костески.

Новиот суперлигаш успеа да се стабилизира, почнаа домашните да погодуваат и до паузата успеаја да ја намалат негативата на четири погодоци, 17-13.

Во второто полувреме комплетно доминираше шампионот на теренот, а најголема минутажа добија македонските ракометари, помогнати од десниот бек Петровиќ. Избраниците на Бранко Ангеловски не препуштија ништо на случајот и обезбедија во неколку наврати и плус 11.

До крајот само рутински беше одработена задачата за нова победа на шампионот, по онаа од минатото коло против Вардар. Меѓу стативите на Еурофарм Пелистер блескаше голманот Кизиќ со 17 одбрани, 11 гола даде Павле Петровиќ, додека во домашниот тим се истакнаа Тодор Узунчев, Димевски и Карасманакис.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ГОЛДЕН АРТ1452717
2МУЛТИЕСЕНС1430119
3ВАРДАР НЕГОТИНО1420126