Кадетите водеа по првиот дел, но на крај загубија од Романија

Машката кадетска репрезентација на Македонија го забележа вториот пораз на на меѓународниот турнир „Трофеј Карпати“, откако во дуелот со Романија загуби со 28:23. Македонија во првото коло беше поразена од Египет, кој денес игра со Црна Гора.

За избраниците на Наум Танески контролните дуели во Романија ќе бидат силна проверка за квалификациите за Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Црна Гора.

Македонските кадети имаа одличен старт во дуелот со домаќинот, поведоа со 2:0 во воведните пет минути, но домаќините по лошото отворање, во 8 минута израмнија на 3:3. Ракометарите на Македонија до крајот на првото полувреме беа подобри на теренот, романската репрезентација во неколку наврати доаѓаше до камбек, но голманот на Македонија, Григор Трајковски, кој првиот дел го заврши со десет интервенции, не дозволуваше да има целосен пресврт.

Максималната предност на Македонија во првиот дел беше два гола разлика, разлика која што беше поставена во два наврати (7:5, 11:9).  По големата борба во првите 30 минути, резултатот на пауза гласеше 13:12 во корист за македонската репрезентација.

По пет минути игра, односно во 35 минута, домаќинот за првпат поведе на натпреварот откако по 14:14 дојде до 15:14. Романците ја зацврстија одбраната, нашата репрезентација имаше пал пад, па така домаќините во 40 минута се одлепија на плус два, 15:17. Селекторот на Македонија, Наум Танески, во 42 минута мораше да повика тајм-аут, бидејќи домашната репрезентација влезе во ритам.

Романија во 43 минута дојде и до три гола разлика, 19:16, и до крајот успеа само да ја зголеми предноста и да ја прослави втората победа на силниот меѓународен турнир.

Најефикасен во репрезентацијата на Македонија беше кружниот напаѓач Самоил Ристевски, кој постигна седум погодоци, втор стрелец беше Јован Петрески со шест реализации. Голманот Трајковски имаше забележителен настап со 12 интервенции.

Кадетите на Македонија во јануари ќе ги играат квалификациите за пласман на кадетскиот континентален собир 2024.

Македонија во квалификациите ќе игра со Косово, Словачка и Швајцарија, а најдобрите две селекции ќе обезбедат билет за ЕП.