Струга од 12 до 15 август повторно ќе живее со ракометот, а покрај Црн Дрим ќе се одржи вистински ракометен фестивал исполнет со добри натпревари, полни трибини и незаборавна атмосфера. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а во пресрет на неговиот почеток ќе ги претставиме сите екипи учесници и ќе пренесеме интересни приказни, факти и детали од богатата историја на турнирот. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
Вардар во Струга доаѓа како освојувач на двојната круна во домашното првенство и како главен фаворит за трофејот на турнирот. Скопјани со евентуален триумф можат да постават нов рекорд на турнирот,да стигнат до својот 15. трофеј. Тренерот Иван Чупиќ очекува победи, но турнирот првенствено ќе го искористи за воигрување на новиот состав и за подготовка на екипата за Суперкупот и Лигата на шампионите.
Струга од 12 до 15 август повторно ќе биде центарот на македонскиот ракомет. На отвореното игралиште покрај Охридското Езеро ќе се одржи 54. издание на традиционалниот меѓународен турнир, на кој ќе настапат шест екипи. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
За Иван Чупиќ турнирот во Струга има посебно значење. Како играч на Вардар повеќепати настапувал на отвореното игралиште, а сега ќе се врати покрај езерото како тренер на македонскиот шампион.
Чупиќ смета дека настапот во Струга ќе биде посебно искуство за помладите ракометари, кои ретко имаат можност да играат натпревари на отворено.
„Турнирот во Струга има голема историја, а и јас сум поврзан со него од периодот кога играв за Вардар. За новите генерации играњето на отворено не е нешто вообичаено. Порано ракометот многу повеќе се играше на отворено, а настапот во сала беше луксуз. Мислам дека ова ќе биде добро искуство за младите играчи, за да ја почувствуваат историјата на турнирот“, вели Чупиќ.
Сепак, спомените и специфичниот амбиент нема да го оддалечат тренерот од главната задача. За него најважно ќе биде како екипата ќе изгледа на теренот и колку ќе напредува од натпревар до натпревар.
„Сакам да се концентрираме на ракометот и на работите што треба да ги подобриме во подготовките. На почетокот од сезоната секој натпревар и секој противник може да ни помогнат да подобриме одреден сегмент од играта“, истакна Чупиќ.
Вардар фаворит против Прилеп и Бутел
Вардар ќе игра во група со Прилеп и Бутел Скопје. Првиот натпревар ќе го одигра на 12 август против Прилеп, додека два дена подоцна ќе се соочи со Бутел.
Чупиќ не бега од фаворитската улога и очекува неговата екипа да обезбеди место во финалето.
„На хартија изгледа дека сме фаворити против Прилеп и Бутел. Очекуваме да играме во финалето. Но, како и секогаш, ќе се концентрираме на себе“, вели Чупиќ.
Тренерот на Вардар во оваа фаза од подготовките не планира посебни тактички изненадувања за противниците. Тој сака да види екипа која е мотивирана, физички подготвена и способна да функционира како целина.
„Не е време да подготвуваме нешто спектакуларно за противниците. Сакам да видам мотивиран тим, кој ќе биде во добра форма и кој на секој натпревар ќе напредува како колектив“, дополни Чупиќ.

Прв тест по тешките тренинзи во Маврово
Вардар дел од подготовките ги одработува во Маврово, каде што акцентот е ставен на физичката подготовка. Поради силните тренинзи, ракометарите веројатно нема да бидат во најсвежо издание во Струга, но Чупиќ смета дека токму ваквите натпревари ќе помогнат во создавањето на потребната форма.
„Кога се организираат подготовките и пријателските натпревари, постепено се оди од екипи што се на слично ниво кон противници што се на повисоко ниво. Во моментот во кој се наоѓаме најважни се физичката подготовка и тешките тренинзи. Сигурно е дека турнирот ќе ни помогне“, изјави Чупиќ.
Иако резултатите не се единствената цел, во Вардар очекуваат со победи да го почнат подготвителниот период.
„Нормално е да очекуваме победи и добро да се претставиме. Сезоната почнува на почетокот на септември, а нè очекува тежок и густ распоред со Суперкупот и Лигата на шампионите. Поради тоа, уште отсега мора да почнеме да ја градиме формата“, нагласи тренерот на Вардар.
Седум нови имиња во составот
Вардар во новата сезона ќе влезе со значително изменет состав. Во клубот пристигнаа седум нови ракометари.
Голманот Милан Бомаштар дојде од француски Шартр, Мохаб Абделхак од германски Кил, а Матео Фадуил од Трембле. Нови членови се и хрватскиот интернационалец Леон Љевар, Бобан Поповски, Марко Ѓорчески и Никола Нечовски, кој е приклучен од клупската младинска школа.
Од минатосезонскиот состав заминаа Мигел Еспиња, Мигел Пинто, Николас Боно, Кристијан Стаменковиќ, Марко Богдановски, Дмитро Горига, Харуки Кавада, Марио Танкоски и Марек Марчињак.
Интересно е што Вардар во Струга ќе се сретне со поранешни свои ракометари. Стаменковиќ и Богдановски се преселија во Бутел, додека Танкоски стана член на домаќинот Струга.
Марко и Бобан треба да се приклучат во Струга
Чупиќ во досегашниот дел од подготовките нема сериозни проблеми со повредени ракометари. Сите играчи што се на располагање се вклучени во тренажниот процес.
Се очекува во Струга на тимот да му се приклучат и Марко Ѓорчески и Бобан Поповски, кои имаат репрезентативни обврски со кадетската репрезентација која настапува на ЕП во Србија.
„Засега сè е во најдобар ред. Сите се во тренажен процес и немаме ниту еден сериозен проблем. Се надевам дека по овие седум дена во Маврово, кога ќе пристигнеме во Струга, ќе ни се приклучат и Марко и Бобан и дека ќе бидеме комплетни. Ова е првиот турнир и сметаме на сите играчи“, вели Чупиќ.
Тренерот не сака да гледа премногу далеку. Првата станица е Струга, а потоа ќе следуваат нови натпревари и постепено подигнување на формата.
„Секој натпревар е можност за напредок, за секој играч поединечно и за целиот тим. Се надевам дека ќе имаме среќа и дека сите ќе останеме здрави. Ќе одиме чекор по чекор. Прво нè очекува турнирот во Струга, а потоа ќе размислуваме за следните предизвици“, заврши Чупиќ.
Двојна круна и враќање во Лигата на шампионите
Вардар во Струга доаѓа по успешна сезона во која ги освои првенството и Купот на Македонија. Шампионската титула беше 16. во клупската историја, додека трофејот во Купот беше 18. Во Струга досега имаат победувано 14 пати, и тие се првите победници во 1973 година.
„Црвено-црните“ имаат и четири трофеи во Суперкупот на Македонија, пет титули во СЕХА лигата и две европски круни освоени во 2017 и 2019 година. Вардар двапати го освојуваше и третото место на Супер Глоуб.
Во годината во која клубот одбележува 65 години постоење, Вардар се враќа и во Лигата на шампионите. Домашните натпревари од првенството ќе ги игра во салата „Расадник“, додека европските средби и домашните дерби-натпревари ќе се играат во СЦ „Јане Сандански“.
ВАРДАР – КЛУПСКИ ИНФОРМАЦИИ
СОСТАВ
Голмани: Милош Валах, Милан Бомаштар, Васил Гогов, Марио Стојановски
Крила: Махмадоу Кеита, Џуниор Тузолана, Вукашин Воркапиќ, Гоце Георгиевски, Бобан Поповски
Бекови: Жоао Педро Франциско, Марко Ѓорчески, Јака Малус, Матео Фадуил, Никола Нечовски, Урош Митровиќ, Мохаб Абделхак, Леон Љевар
Пикери: Милан Лазаревски, Кристијан Анастасовски, Виктор Јанковски
Стручен штаб: Иван Чупиќ, Томислав Чупиќ и Марио Келентриќ.
ИГРАЧИ КОИ ДОЈДОА
Милан Бомаштар, Мохаб Абделхак, Матео Фадуил, Леон Љевар, Бобан Поповски, Марко Ѓорчески и Никола Нечовски
ИГРАЧИ КОИ ЗАМИНАА
Мигел Еспиња, Мигел Пинто, Николас Боно, Кристијан Стаменковиќ, Марко Богдановски, Дмитро Хориха, Харуки Кавада, Марио Танкоски и Марек Марчињак.
Распоред на Вардар во Струга
12 август
18,30 часот – Вардар – Прилеп
14 август
20,30 часот – Бутел – Вардар
15 август
Меч за пласман
* СИТЕ НАТПРЕВАРИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСУВАНИ НА YOUTUBE КАНАЛОТ НА 24РАКОМЕТ
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…
























