Коларовска: Знаеме што и како треба да се одигра на дербито со Куманово

Актуелниот шампион во женска конкуренција, тимот на Ѓорче Петров, во натпревар од 6. коло од Женската лига ќе го одигра дерби дуелот со вицепрвакот Куманово.

Двете екипи на табелата имаат по 15 бода, немаат загубено ни бод во досегашниот тек од сезоната, па така победникот од овој дуел ќе направи голем исчекор на табелата.

Ракометарката на Ѓорче Петров, Ана Марија Коларовска, која игра на десната и средната бековска позиција, ги истакна своите очекувања за дерби дуелот со незгодниот тим на Димитријески.

,,Како на секој натпревар, така и на овој, очекувањата се исти и атакуваме на победа. Ние не потценуваме ниту една екипа и Куманово е тим против кој треба да имаме респект и треба да влеземе максимално фокусирано на овој дуел за да ја оствариме целта. Противникот е доволно анализиран, се работи максимално во секој поглед. Имаме јасна слика што и како треба да се одигра на овој натпревар, а според мене пресудно би биле добрата одбрана и секако добра реализација. Куманово е опасен од сите страни, но наша цел е таа опасност да биде сведена на минимум”, изјави Коларовска.

Ѓорче Петров со евентуална победа над Куманово ќе си го олесни патот до одбраната на титулата, бидејќи реваншот со вицепрвакот го игра на домашен терен, но на останатите натпревари ќе треба исто така да одигра максимално за да може да се радува на уште едно злато.

,,Не очекуваат неколку интересни натпревари на кои треба да се покажеме во вистинско светло и да го дадеме максимумот, со кој ќе си го олесниме патот до одбраната на титулата. Мислам дека теренот не игра главна улога на натпреварите, важна е тимската игра, мотивацијата и желбата за победа, која верувам и знам дека постои кај секоја од девојките и стручниот штаб”, додаде Коларовска.

21-годишната ракометарка е задоволна од досега прикажаното на нејзиниот тим на домашна и европска сцена.

,,Сите екипи ги гледаме подеднаково, не потценуваме ниту една, без разлика на квалитетот. Сѐ уште е рано да се каже било што. Според досега прикажаното, тука се три екипи кои би се бореле за освојување на титулата, но нема да биде лесно, ние ќе дадеме сѐ од себе за да ја одбраниме титулата и да останеме на првото место. Морам да напоменам дека имаме добар почеток и добра игра, како на домашна сцена, така и во европски рамки. Секогаш има простор за напредок и усовршување на играта, се со цел одбрана на титулата и високо котирање во Европа. Победите сѐ повеќе ги посакуваме и целиме кон нив”, заврши Коларовска.

Натпреварот меѓу Куманово и Ѓорче Петров се игра во недела (29 октомври) со почеток од 20:00 часот во спортската сала „Перо Наков“.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ЧАИР880024
2АСТИБО850315
3СКОПЈЕ841313
4МРК ЃОРЧЕ ПЕТРОВ82157
5СТРУЖАНКА80080