Тимот на Вардар Неготино ја забележа првата победа оваа сезона во суперлигашкото друштво по седум порази, откако во драматичен натпревар славеше против Пролет со 24-22 во натпревар од 8 коло. Неготинци сега имаат три бода, но ќе останат на последната позиција, додека Пролет е четврти со 12 бода, па ќе мора да води битка за место во плеј-оф на следните натпревари. Неготинци им направија услуга на Прилеп и на Голден Арт, кои остануваат во трката со Пролет за плеј-оф билет.
Во првите петнаесетина минути имаше многу грешки и промашени удари на двете страни. Се играше најчесто гол за гол, а голманите Михаљевиќ и Мицев имаа по неколку интервенции во серија.
На 5-5, тренерот на домашните, Игор Котевски, повика минута одмор и неговите играчи за првпат стигнаа до предност од два гола, 7-5, а по одличните интервенции на Мицев имаше и 9-7.
Пролет не дозволи домаќинот да се размавне и преку Андоновски, Димов и Палевски направи пресврт, 10-9. На пауза се замина со реми, 11-11, што беше најава за возбудувања во второто полувреме.
Во второто полувреме ниту една од двете екипи не успеваше да поведе со повеќе од два гола, се до десетина минути до крајот, кога Вардар Неготино стигна до 20-18. Имаа домашните и прилика за плус три, но погрешија.
Палевски со голот од пенал го врати Пролет во игра 20-19, а шансата за реми на гостите отиде во неповрат, откако Орешков украде една топка и погоди во голот на скопскиот тим за 21-19.
Следуваше уште една грешка на Пролет, нова казна од неготинци за 22-19. Имаа и домашните шанси да го зголемат водството и да стават крај на дилемите околу победникот, но скопскиот тим се врати во игра и намали на 22-21.
Во следниот напад неготинци немаа идеја, но Пеовски успеа да најде простор и на две минути до крај беше 23-21, пред гостинскиот стратег Лембанов да побара минута одмор за неговите избраници.
Aрсеновски го врати Пролет во игра со голот за 23-22, неготинци промашија на стартот на последната минута, а Кериќ од домашниот тим беше исклучен поради остар фаул на триесетина секунди до крајот. Гостите тргнаа во напад за реми и бод, но под притисок погрешија и Михајловиќ од контра казни за 24-22 и прва сезонска победа.
Митевски, Адамовиќ и Пеовски имаа по пет гола во победничкиот тим, а одлична партија имаше и голманот Мицев. Во составот на Пролет се истакна Давор Палевски со 12 погодоци.