Делегатите намерно им ставале ниски оценки за да протежираат други судии, а со клубовите имале меѓусебна нетрпеливост уште од лани
Најчесто се случувало клубови да бараат изземање на одредени судиски двојки за делење на правдата на нивните натпревари, сметајќи дека биле тенденциозни, но во Македонија има и спротивност. Македонски судии доставиле официјално барање до Натпреварувачката комисија на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) да не бидат делегирани на натпревари на некои клубови во Супер лигата.
Според информациите на 24Ракомет, кои беа потврдени од извори блиски до РФМ и Натпреварувачката комисија, вакви барања пристигнале уште на почетокот на сезоната, но истите не се објавени јавно.
Нашиот извор ни потврди дека судиите кои го побарале ова се од Скопје, а клубовите кои се на „листата за изземање“ се од внатрешноста. Нема објаснување која е причината за ваквото барање на судиите. Наводна нетрпеливост траела од лани, па сега судиите не сакале да судат на нивните средби. И во текот на сезонава, била почитувана желбата на судиите и тие не ги суделе нивните мечеви.
Освен изземање на клубови каде не сакаат да ја делат правдата, некои македонски судии барале да не бидат на исти натпревари со одредени делегати, со образложение дека постои непотизам во нивните оценувања. Се жалеле дека намерно добивале послаби оценки со цел да бидат протуркани други судии кои на листаа со просечна оценка би биле подобро рангирани.
Познато е дека во македонскиот ракомет има повеќе случаи двајца членови на исто семејство да се дел од судиските и делегатски листи, или пак да има блиски роднини. Натпреварувачката комисија на РФМ ги делегира судиите и делегатите за секој натпревар во домашното првенство, но понекогаш има недостаток на квалитетни судии за одредени натпревари.