Во пресрет на дуелот со Голден Арт со кој денеска треба да се комплетира седмото коло од домашното првенство, Владо Недановски, тренерот на Вардар има проблеми со составување на екипата. Покрај повредата на Марко Мишевски сега лекарскиот тим заедно со играчите ќе треба да бори и со вирусот што го зафати тимот.
Натпреварот со Голден Арт е закажан за попладнево во 16 часот во малата сала во СЦ „Јане Сандански“. Неколкумина играчи на „црвено-црните“ и дел од стручниот штаб го пропуштиле утринскиот тренинг и морале да примаат инфузија и препорачано им е да останат на домашно лекување.
Србинот Стефан Петриќ штотуку се опорави од повредата, и сега е дел од вирусаните ракометари. Тој беше еден од клучните играчи во почетните победи на скопјани во првенствот и Супер купот.
Покрај Петриќ, со вирус се заразени и Ален Ќосевски кој уште од минатата недела има здравствени проблеми, пивотменот Стефан Атанасовски, десниот бек Виктор Алонсо, тренерот на голманите Александар Рогановиќ, физиотерапевтот Рубинчо Заревски и кондицискиот тренер Тони Богдановски.
Додека Недановски го „боли главата“ поради вирусот што влезе во неговиот тим, сепак може да здивне зашто за дербито со Еурофарм Пелистер ќе го има на располагање Јапонецот Косуке. Тој доби покана за настап со репрезентација и ќе треба да патува за Катар каде Јапонија ќе игра олимписки квалификации. Но, Вардар се договори со јапонската федерација, Косуке да се врати за дербито со Еурофарм Пелистер што треба да се игра викендов.
Вардарци по шест одиграни кола се лидери во Б групата во првенството со максимални 18 бодови.