Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја запишаа втората сезонска победа, откако пред домашната публика го совладаа Куманово со 38:29. Домаќините дд првата до последната минута имаа предност и во ниту еден момент победата не беше доведена под знак прашалник.
Тимот на Петровски уште од самиот старт ги зеде работите во свои раце, поведе со 5:0, a гостите за првиот гол чекаа цели осум минути. Младите пелистерци, кои имаа подолга клупа, уште во првото полувреме ја прокнижија втората сезонска победа.
Домашниот табор започна фуриозно, поведе со 6:0, потоа по десетина минути имаше 10:2 и како одминуваше времето така растеше разликата во полза на битолчани. Куманово немаше многу опции во нападот, се почесто правеше грешки и во 15 минута остана без искусниот Влатко Тасевски, кој мораше да се пресели на трибините поради црвен картон.
Иако Еурофарм Пелистер 2 водеше и со максимални десет гола разлика во првиот дел (14:4), сепак во финишот од првото полувреме по водството од 18:10 дојде до големо опуштање во редовите на домаќините. Куманово со неколку погодоци во низа ја преполови негативата и се избори за пристојни минус четири на полувреме, 19:15.
И вториот дел мина во целосна контрола на домаќините, гостите иако се надеваа на камбек, сепак, во 40 минута заостануваа на 25:19 и потоа тешко беше да бркаат шест гола негатива. До крајот, составот на Еурофарм Пелистер 2 осетно ја зголеми разликата и се израдува на втор триумф во новата натпреварувачка сезона.
Најефикасен во победничката екипа беше Симон Мирчески со осум погодоци. Во поразениот табор листата на стрелци беше предводена од Дарио Симоноски со седум реализации.