Тиквеш е среде најнапорната недела оваа сезона кога за осум дена на програмата има четири меча – три домашни и еден европски натпревар.
Тренерот на кавадарчани, Никола Матлиески вели без разлика кој ривал е на спротивната страна, неговиот тим секогаш оди на победа. Следен противник што ќе гостува во „Јасмин“ е тимот на Скопје, кој досега има само еден бод.
„Имаме тежок распоред оваа недела, но ние не се предаваме. Одиме чекор по чекор, за нас сега е најважен следниот натпревар против Скопје. Се надевам дека понесени од победата над Охрид, ќе изгледаме уште подобро на теренот во „Јасмин“ против овој ривал во текот на утрешниот ден. Ја подгинуваме нашата форма се повеќе и повеќе, но нема да застанеме тука, ние сакаме да продолжиме понатаму да напредуваме и како екипа и како индивидуалци. На секој меч одиме на победа, без разлика против кој играме. Тиквеш поседува квалитет и верувам дека ќе бидеме само подобри во иднина. Засега имаме пет од пет, феноменална е атмосферата во клубот“, изјави Матлиески.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Скопје се игра утревечер во салата „Јасмин“ со почеток во 19:30 часот.