„Тренерот знае што сака, ние играчите ги правиме грешките“

Топ тема во европските медиуми минатата недела е серијата порази на гигантот Кил, а капак на се беше елиминацијата од Купот на Германија.

Раководството на „зебрите“ даде јасно до знаење дека не се планира тренерска смена, а капитенот Патрик Винчек исто така го поддржа Филип Јиха.

„Ние сите го поддржуваме Јиха. Немаме проблеми во тактиката или внатре во екипата. Тренерот е јасен во своите барања, тој знае што сака. Ние играчите ги правиме грешките, на пример, имаме лоша реализација. Тешките етапи во спортот се нормални. Јас веќе го поминував тоа со Кил. Тогаш под водство на Алфред Гисласон, ние го освоивме петтото место, но следната сезона освоивме трофеи во ЕХФ Купот и Купот на Германија. Најважно e да се извлечат поуки од оваа лекција“, вели Винчек за „Килер Нахрихтен“.

За разлика од германските конкуренции, Кил во Лигата на шампионите има три победи на три меча.