Тимот на Тиквеш го очекува набиена агенда во следниот период. Дербито со Охрид е в сабота, потоа следуваат два дуели со Скопје и Алкалоид во три дена, пред европскиот предизвик со австрискиот Кремс.
Асистентот на Никола Матлиески, Боро Ѓорѓиев, кој долго време е во клубот, вели дека за победа против Охрид, сите ракометари ќе мора да ги исполнат своите задачи.
„Очекуваме добар натпревар и да ги измериме силите со Охрид. Нашите ракометари мора да го дадат својот максимум и секој да ја исполни својата задача, за да го добиеме овој дуел со Охрид. Се спремаме цела недела, јасно е дека нема да биде лесно, но јас верувам во нашите ракометари“, вели Ѓорѓиев.
Тиквеш ќе одигра четири средби во девет дена и нема да биде воопшто лесно за кавадаречкиот клуб.
„Овој период имаме набиена агенда. Пред дуелот со Кремс, имаме уште два меча во Супер лигата против Скопје и Алкалоид, кои ќе се играат во вторник и четврток, па Кремс во недела. Ние се подготвуваме и за тој предизвик во Европскиот Куп. Мислам дека ќе гледаме интересен меч, кој е многу важен за кавадаречкиот ракомет. Нашата екипа посакува позитивни резултати на следните натпревари. Досега имаме четири од четири, но најважно е да останеме здрави. Нашиот тим е изменет во однос на минатата сезона, уште не е доволно воигран како што посакувамеме, но со овие четири натпревари мислам дека и тоа ќе го надминеме и да го извадиме најдоброто од нас и ќе продолжиме да победуваме“, продолжи Ѓорѓиев.
Кавадарчани на минатите два меча играа без класичен десен бек, но и покрај тоа имаа убедливи победи. Нигериецот Обина наскоро ќе се врати на теренот.
„Претходните две кола нашиот десен бек Ани Обина не настапи поради мала повреда на коленото, полека се враќа во тренажен процес, но ќе видиме кога ќе заигра. Останатиот дел од екипата тренира според планот и немаме други проблеми што се однесува до повредите“, заврши Ѓорѓиев.
Дерби дуелот со Охрид се игра во салата „Јасмин“ в сабота со почеток во 19:00 часот, а потоа на истото место во вторник ќе се игра и дуелот со Скопје.