Норвешкиот шампион Колстад, кој во оваа сезона го има дебитантскиот настап во Лигата на шампионите, во следната сезона би можел да остане без најдобрите играчи, кои уште од сега станаа мета на неколку богати клубови, главно од Германија.
Според информациите на „RTH Handball“, десниот бек на Колстад, Магнус Род, е желба на бундеслигашот Мелсунген, клуб кој моментално е предводен од екс тренерот на Вардар, Роберто Гарсија Парондо. Род од Фленсбург направи трансфер во Колстад, но се уште нема одигра натпревар во Лигата на шампионите поради повреда.
Претходно, исландскиот портал „хендбал.ис“, објави дека раководството на Кил е заинтересиран за ангажирање на десното крило Сигвалди Бјорн Гудјонсон. Исланѓанецот по три одиграни дуели во Лигата на шампионите ја предводи листата на стрелци во Колстад, постигна 19 погодоци, против Еурофарм Пелистер во Битола имаше осум реализации.
Данскиот шампион ГОГ посакува во своите редови да ги види Свен Јоханесен и тренерот Кристијан Берге. Може да се претпостави дека до крајот на сезоната и останатите играчи ќе имаат богати понуди од големите европски клубови.
Како што е познато, тимот на Колстад пред почетокот на сезоната беше активен на пазарот, но уште пред да биде означен стартот на новата сезона, норвешкиот шампион објави дека се наоѓа во финансиска криза и дека мора платите на играчите да бидат драстично намалени.
Кризата во Колстад беше причина за првото заминување од клубот, па така репрезентативецот на Исланд, Јанус Смарасон, направи трансфер во актуелниот европски шампион Мaгдебург.