Ракометарите на Прилеп денес на свој терен ќе го пречекаат тимот на Вардар во натпревар од 4. коло од суперлигашката конкуренција.
Заменик капитенот на Прилеп, Христи Бикоски, се надева дека неговиот тим ќе даде голем отпор против „црвено-црните“.
,,Има голем простор за напредок кај секој играч, имаме уште многу да учиме и да напредуваме. Ние сме во тешка група, сите ривали имаат свои квалитети. Секој натпревар за нас е предизвик, мотивација да се даде најдоброто од себе и секоја победа за нас е слатка. За дуелот со Вардар сакаме да се претставиме во најдобро светло до сега, ова ни е четврт натпревар, системот почна да функционира и од натпревар во натпревар ја креваме формата. Знаеме кој е Вардар, нас ќе ни биде чест да играме против двокрантиот европски шампион, ќе се обидеме да го дадеме максимумот и на гледачите да им приредиме квалитетен ракомет”, изјави Бикоски.
Левото крило вели дека гостувањето на Вардар е мотивација за да се покаже најдоброто од себе.
,,Што се однесува до нас, ќе се подготвиме да го дадеме нашиот максимум, уште еднаш ќе повторам, знаеме кој е Вардар, знаеме што има освоено, со каков квалитет располага, но ние нема да се предадеме. Ние сме се уште на самиот почеток, правиме добар проект и целта е пласман во плеј-оф фазата. Гостувањето на Вардар е една голема мотивација да одиграме добро, да ги покажеме своите квалитети и се надевам дека ќе бидеме задоволни со нашата игра”, додаде Бикоски.
Натпреварот меѓу Прилеп и Вардар ќе се одигра денес со почеток од 18:30 часот во спортската сала при СОУ “Ристе Ристески-Ричко”. Влезот за сите љубители е слободен.
Цветаноски: Вардар е двократен европски првак, без разлика на исходот – тоа нема да не демотивира