Охрид ја освои Будва

Ракометарите на Охрид ја запишаа втората победа во Регионалната лига, откако славеа на гостувањето кај Будванска Ривиера со 22-20. Охрид имаше одлично прво полувреме, потоа во вториот дел водеше со седум гола, но дозволи домаќините да стигнат до минус еден. Сепак кога најмногру требаше, тогаш охриѓани погодуваа и се враќаат со цел плен од Црна Гора. Славиќ имаше скоро 50% одбранети удари и беше еден од лидерите, заедно со Лиапис и Ѓукиќ, кои дадоа пет, односно четири гола.

По 2-2 на стартот на мечот, Охрид покажа дека е дојден за триумф, даде пет гола за седум минути и го најави победникот, 7-2. Славиќ беше одличен на охридскиот гол, но и Печурица на голот на домаќините, па затоа разликата во корист на „гладијаторите“ не беше уште поголема.

Ројевиќ ротираше повеќе ракометари, но предноста на неговите момци не се спушташе под четири погодоци. На паузата беше 13-8 за македонскиот тим.

На стартот на вториот дел Охрид се одлепи на плус седум, 15-8, па домашниот стратег Комнениќ беше принуден веднаш да бара тајм-аут. Неговите момци се консолидираа, полека успеваа да ја топат негативата и при водство на Охрид со 17-16, домашните добија две прилики за реми.

Печурица бранеше одлично, но и Славиќ запре два зицери и еден шут од гол на гол на Будва, па беше човекот што ги исправи грешките на „гладијаторите“ во нападот. Конечно Ѓукиќ ја прекина „црната серија“ со гол од пенал и Охрид влезе во последните десетина минути со водство од 18-16.

Лошиот период беше зад Охрид, се врати убоитиот напад за 21-17 и македонскиот тим се чинеше дека нема потреба за грижи, но Будва со серија од три гола намали на 21-20 во последната минута. Ѓукиќ го даде голот за победа од пенал за 22-20 и втора охридска радост во регионалното натпреварување. Следен предизвик за „гладијаторите“ ќе биде гостинскиот меч со Динамо Панчево на 28 август.

Уште поголем предизвик ги очекува охриѓани на 2 септември во Гевгелија каде против Вардар ќе се борат за Супер Куп трофејот.