Ракометарите на Прилеп пред домашната публика ја остварија втората победа во Супер лигата, откако во натпревар од 3. коло го совладаа Вардар Неготино со 30:22.
Неготинци издржаа до 40-та минута и во последните дваесетина минути немаа доволно сила да им парираат на домаќините, кои во финишот заиграа во „петта брзина“ и стигнаа до убедлива победа, која беше изразена со осум гола разлика.
Тимот предводен од Божидар Мојсов добро го отвори натпреварот, поведе со 3:0, потоа дојде и до плус четири, 5:1, но како одминуваше времето гостите од Неготино станува се понезгоден ривал, бидејќи го имаа расположениот Адамовиќ, кој беше најзаслужен што неговиот тим направи камбек во финишот од првото полувреме.
Домашниот тим откако имаше фуриозен старт, во еден момент се опушти и дозволи Вардар Неготино да намали на минус еден, 6:5. Прилеп некако успеа да се консолидира и до 20-та минута ја одржуваше предноста од два-три гола разлика. Откако Прилеп се одлепи на 9:6, избраниците на Котевски направија серија од 3:0 изрaмнувајќи на 9:9.
До крајот на првото полувреме имаше голема неизвесност и борба за секоја топка. Прилепчани до речиси последната секунда од првиот дел водеа минимално, но при секој постигнат гол на домаќинот, гостите постојано го израмнуваа резултатот, па така по 30 минути игра, на пауза се замина со нерешени 14:14.
Сликата од последните десет минути од првиот дел се преслика во првите десет минути од вториот дел. Ракометарите на Мојсов одржуваа минимална предност и во 40-та минута тимот на Вардар Неготино повторно ја врати неизвесноста, израмни на 20:20.
Домаќинот ударот вреден за победа го зададе во 45-та минита кога со погодоците на Цветаноски и Трајчевски дојде 24:21. Тоа беше причина тренерот на гостите да повика тајм-аут, со цел неговите избраници да се вратат во игра. Прилеп со голот на Имнадзе ја врати максималната предност, која ја имаше од воведнот дел, зголеми на 25:21.
Советите од гостинската клупа не вродија со плод, домаќините на осум минути пред крајот дојдоа до плус пет, 26:21, и до крајот само ја зголемуваа предноста во своја корист за конечни 30:22.
Членот на Прилеп, Денис Шабановиќ одигра одличен натпревар, беше најефикасен со седум погодоци, шест постигна Пеце Рајатоски, по четири додаде Никола Цветаноски, три реализации имаше Томислав Квастек. Кај гостите најрапсоложен беше Лазар Адамовиќ со 11 погодоци.