ПСЖ со цел плен се враќа од Сегед

Францускиот ПСЖ со победа ја стартуваше новата сезона во Лигата на шампионите. Тимот од Париз славеше на гостински терен кај унгарскиот ПИК Сегед со 31-29 и ги запиша првите бодови. Иако гостите можеа многу порано да го решат победникот, мораа да стравуваат за триумфот, откако домашните се доближија на минус еден во финишот, но Шпанецот Балагер ги реши сите дилеми.

По нерешените 5-5 во првите десетина минути, избраниците на Раул Гонзалес полека ја преземаа контролата на теренот. Шипжак, Гребиј и Тонесен го водеа ПСЖ до плус четири, 11-7.

Имаше францускиот првак и плус пет, 14-9, но до крајот на полувремето домашните ракометари успеаја да стопат дел од негативата. Со головите на Шоштариќ и Мартинс, ПИК Сегед намали на 16-13, резултат со кој се замина на пауза.

На стартот на второто полувреме унгарскиот тим се доближи и на минус еден, 19-18, но нападот повторно влезе во серија грешки, голманите не беа на ниво и ПСЖ одново се одлепи на безбедни плус пет, 26-21.

Не се откажуваа момците на Кристијан Карпати од камбек во мечот, Миклер почна да брани одлично, фати и пенал, па Бомбач на две минути до крајот погоди за минус еден, 29-28 и најави драма.

Беше и 30-29 во последната минута, но Балагер со погодок стави точка на мечот и ги потврдите првите бодови на ПСЖ во новата сезона. Најдобар стрелец кај ПСЖ беше Шипжак со шест и Тонесен со пет, додека кај ПИК Сегед се истакна Шоштариќ со девет гола.