Реновираниот тим на Прилеп во новата натпреварувачка сезона 2023/24 влегува со амбиции да оствари подобар пласман од ланската сезона и да се замеша во борбата за плеј-офот.
Екипата на Прилеп на располагање ќе има квалитетни и млади ракометари кои ќе бидат желни да го покажат својот потенцијал и да му помогнат на клубот во остварување на зацртаните цели.
Еден од помладите во тимот е големиот борец на теренот, заменик капитенот Христи Бикоски (Бикче) кој пред стартот на новата сезона го продолжи договорот со Прилеп.
Бискоски и неговите соиграчи во текот на подготвителниот период одиграа неколку пријателски дуели и учествуваа на осмото издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. Тој во разговор за 24Ракомет ги сподели своите впечатоци од прикажаното во текот на подготовките.
,,За подготвителен период и тренерот да има јасна слика за можностите на сите ракометари, турнирот беше добро натпреварување, понуди интересен ракомет на прилепската публика. На турнирот не настапивме комплетно, имавме неколку повредени играчи, но извлековме максимум и го освоивме третото место. Нашите цели се секогаш да одиме на победа, а тоа што најмногу нѐ краси како екипа е другарство и големата сплотеност во тимот. Без хомогена тимска атмосфера, нема ниту добри резултати. На пријателските натпревари беа согледани нашите слаби страни и во овој период сме фокусирани баш на тоа, да ги поправиме грешките и да се подготвиме за првиот дуел против Бутел Скопје. Контролите добро ни дојдоа, особено за новите засилувања да се вклопат во екипата и за останатите играчи кои останаа од минатогодишниот состав. Ни преостануваат уште неколку дена до првенството, па се надевам дека ќе имаме успешен старт на сезоната”, изјави Бикоски.
Младиот ракометар најавува голема борба на секој натпревар во Супер лигата и истакнува дека Прилеп за првпат после долго време има тренер со европско искуство.
,,Реално, сѐ е можно во нашата група, но да бидам искрен, ние имаме тешки ривали. Откако сум дојден во Прилеп одам по потешкиот пат, сигурно потешкиот пат е посладок…Можам да ветам дека ќе се бориме до крај, ќе го дадеме последниот атом од силата на секој дуел на домашен и гостински терен. Ќе играме модерен ракомет и силните дуели кои ќе ги имаме ќе не направат уште посилни, тоа е добро за играчите, особено за помладите. Прилеп долги години чекаше да игра ваков динамичен ракомет. Доколку не се пласираме во плеј-оф фазата, не смееме да паднеме физички, треба да останеме посилни и после секоја сезона ќе бидеме едно ниво погоре. Нашите мисли не се фокусирани на плеј-офот и плеј-аутот, нашата цел е да влеземе во системот на тренерот, бидејќи Прилеп немал ваков тренер досега, тренер со европски манири и клубот никогаш не играл ваков модерен ракомет. Ги знаеме квалитетите на ривалите, имаме респект за сите, но во Прилеп нема да се освојуваат лесно бодови”.
Настапите во Вардар на Бикоски му носат големо искуство, бидејќи во скопскиот тим работеше под палката на истакнати тренери.
,,Во Вардар бев уште од самиот почеток на мојата кариера, јас сум дете на Вардар, таму ги минав сите селекции и стигнав до вториот тим. Поминав низ филтерот на различни тренерски системи, тренери ми беа Слободан Чивлачки, Пепи Манасков, Стојан Петрушевски…Беа тоа шест прекрасни години во „црвено-црното“ семејство и секако дека настапот во Вардар беше чекор напред во мојата кариера. Откако заминав од Вардар направив трансфер во Јуниор КВ и таму имав феноменална сезона”.
Прилепчани со нетрпение го очекуваат стартот на новата сезона, во клубот се чувствуваат позитивни промени и има голема сплотеност меѓу играчите.
,,После пет поминати години во овој тим, во оваа сезона најмногу верувам во екипата. Атмосферата е позитивна, имаме одлучни услови за работа и со нетрпение го очекуваме стартот на новата сезона. Секако дека очекувам поддршка од нашите сограѓани за домашните дуели и се надевам дека салата на секој дуел ќе биде исполнета до последно место. Прилеп секогаш имал таленти во многу спортови, па така и во ракометот. Во младинските категории на клубот работат добри тренери, направена е една база за долгорочен период. Ракометарите кои тренираат во младинските категории имаат одлични услови за работа и само со напорна работа и дисциплина можат да достигнат до првата екипа и уште погоре”.
Иако Бикоски има неколку понуди за новата сезона, сепак одлучува да остане во родниот град.
,,Имав неколку понуди, но ниту една од нив не беше подобра од Прилеп, ми се допадна проектот, амбициите на кчубот и можам да кажам дека со овие тренинзи кои ги имаме, нашиот клуб е моментално меѓу најдобрите пет во Македонија. Само со добра работа и пожртвуваност може да постигнеме некоја цел. Условите во клубот се на европски ниво и мене Прилеп ми е во срцето, давам повеќе од што треба и горд сум што ги бранам моите на овој клуб”.
Бикоски освен што професионално се занимава со ракомет, тој ѐ и кондициски фитнес тренер во ракометниот клуб Прилеп. Уште во неговите средношколски денови се појавува желбата за фитнес индустријата.
,,Во 2016-та година кога бев во вториот тим на Вардар кондициски тренер ни беше Марија Лојаница. Од нејзините предавања почнав да го сакам фитнесот и ми стана многу интересно, а воедно и тоа е нешто што може да те подобри како играч, да имаш подобар перформанс на теренот и да можеш повеќе да одговориш на предизвиците. Потоа почнав да се надоградувам сам, водев некои свои белешки и почнав да навлегувам уште подлабоко. Веќе неколку години учествував на кампот „Ракомет за сите“ од легендарниот Драган Ѓукиќ и таму на сите изданија имавме различен кондиционен тренер и од сите нив учев уште повеќе, се надоградував, добивав повеќе информации, забелешки… Околу работата со колегите од тимот, можам да кажам дека тие се дисциплинирани, секој си ги одработува поставените задачи од мојата програма која ја изработив заедно со тренерот”. Морам да ги пофалам колегите за нивната ангажираност на секој тренинг”, заврши Бикоски.
Првио тест за Прилеп ќе биде екипата на Бутел Скопје, која исто така направи промени во играчкиот кадар.
Тимот предводен од Божидар Мојсов за ривали во првиот дел од сезоната ги има уште Вардар, Еурофарм Пелистер, Голден Арт, Пролет, Мулти Есенс и Вардар Неготино.
„Прилеп има свои таленти, а за видливи резултати треба време и трпение“
Шабановиќ: Не е исто да играш во Косово и против Вардар, Еурофарм Пелистер…
Јелушиќ: Во Прилеп се работи професионално, имаме одлични услови – се надевам на успешна приказна
“Македонското првенство е квалитетно, секоj викенд полни сали – затоа одлучив да останам”