Јелушиќ: Во Прилеп се работи професионално, имаме одлични услови – се надевам на успешна приказна

Екипата на Прилеп во новата натпреварувачка сезона, која ќе започне на 9/10 септември, влегува со големи амбиции и желба за подобар пласман од ланската сезона.

Во минатата сезона тимот мина одлично низ натпреварите во борбата за опстанок и успеа да го сочува суперлигашкиот статус овозможувајќи им на прилепчани во новата сезона повторно да ги гледаат најдобрите екипи.

Раководството на Прилеп вложи напори и за новата сезона ангажираше квалитетни засилувања, кои треба да му помогнат на клубот под Марковите Кули да оствари забележителни резултати.

Еден од новите играчи во Прилеп е црногорскиот интернационалец, средниот бек Драган Јеулшиќ, кој во својата татковина забележа настапи за сите младински селекции.

Јелушиќ во Македонија пристигна од БиХ, поточно од екипата на Искра Бугојно, клуб во кој настапуваше заедно со голманот Александар Стојаноски. Црногорецот во разговор за 24Ракомет ги сподели своите очекувата за неговиот нов интернационален предизвик и трансферот во Прилеп го гледа како полн погодок.

„Пред сѐ, сакам да се заблагодарам на екипата на Прилеп што ме повика да дојдам во нивните редови. Овој предизвик во Прилеп го гледам како една отскочна даска во мојата карира, пред сѐ поради тоа што лигата во Македонија е една од најквалитетните на Балканот, односно Македонија ја има најаката лига, со исклучок на Словенија и Хрватска, но сметам дека може и со нив да се носи, бидејќи има доста добри и квалитетни екипи”, изјави Јелушиќ за 24Ракомет.

Средниот бек од Црна Гора е доволно запознаен и со квалитетот на Супер лигата и со ривалите на Прилеп во регуларниот дел од сезоната.

„Во нашата група тука е Вардар, двократен европски шампион, клуб со голема традиција, за него не треба да се трошат зборови, потоа актуелниот шампион Еурофарм Пелистер, кој годинава ќе учествува и во Лигата на шампионите, и можам да кажам дека групата навистина е тешка. Нашата цел е пласман во плеј-оф фазата, ќе целиме на тоа, но и доколку не успееме во примарната цел, не е крај на светот, тимот е доста млад, подмладен, со неколку нови играчи и ние тројца од Црна Гора. Владо Кастратовиќ е тука веќе две години, овде се чувствува како дома, јас и Денис Шабановиќ сме нови лица во клубот, тој играше на Косово, јас играв во БиХ минатата сезона, и се надевам дека ќе имаме успешна приказна во новиот предизвик”.

Екс младинскиот црногорски репрезентативец наиде на добар амбиент во Прилеп и голема професионалност. Тој направи споредба меѓу босанската и македонската лига, истакнувајќи дека во Македонија се игра побрз и подобар ракомет.

,,Што се однесува до условите, можам да кажам дека дека од сите клубови во кои настапував во мојата кариера, Прилеп како клуб е најпрофесионален во однос на тренинзите и професионалноста кон играчите. Овде навистина условите се одлични, имаме квалитетни тренинзи и само со добра работа може да се оствари зацртаната цел. Минатата сезона еден дел минав во Борац Бања Лука, во вториот дел од сезоната настапував за Искра од Бугојно. Таму лигата е доста тешка, физички исцрпувачки поради фактот што играат голем број искусни и стари играчи, тоа бара спор ритам на игра, а повеќе физички дуели, што секако не е карактеристика за секоја екипа. Во Македонија се игра брз и динамичен ракомет”.

Прилеп пред настапот во новата сезона ќе има неколку подготвителни дуели, како и настап на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. 23-годишниот ракометар очекува победнички старт на сезоната.

„На 9 септември ќе го имам првиот дуел во македонската елита, ривал ќе биде тимот на Бутел Скопје и против овој тим ќе ги имам моите први минути во мојата кариера во Македонија. Се надевам дека сезоната ќе ја стартуваме со победа, мечот го играме на домашен терен, за сега ни претстојат неколку пријателски дуели, како и настапот на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. Станува збор за еден јак и квалитетен турнир, на тој турнир очекувам да покажеме дека сме уиграни и дека ги одработуваме задачите кои ги има зацртано нашиот стручен штаб на чело со тренерот Божидар Мојсов”.

Засега не размислува за настап во сениорската репрезентација, но се надева дека ќе дојдат и неговите пет минути во моментално 11-та европска ракометна сила.

„Ги поминав сите младински селекции на Црна Гора и конкретно за сега, не размислувам многу за тоа дали ќе дојде повик за настап во сениорскиот национален дрес. Во јануари претстои Европско првенство на кое се пласираше мојата земја, моментално, поради голема конкуренција, не очекувам повик, но низ мојот двегодишен договор во Прилеп, гледам дека овде ќе биде енормен напредок, зошто да не… Во наредните години очекувам повик за А репрезентацијата и се надевам дека ќе стигнам. Доколку не биде, ќе продолжам да работам, напредувам и да бидам посветен на клупските настапи”, заврши Јелушиќ за 24Ракомет.

Прилеп во досегашниот тек од подготвителниот период одигра два пријателски дуели, тестираше со вториот тим на Еурофарм Пелистер и со четвртопласираната екипа од минатата сезона – Тиквеш.