Новиот тим во женската лига, Металург Автокоманда, во дебитанската сезона тргнува амбициозно и според имињата кои ги има, тимот би требало без проблеми да обезбеди пласман меѓу најдобрите три-четири екипи во единственото сениорско натпреварување во Македонија.
Металург Автокоманда денеска доби новото засилување. Нова членка во ростерот на Јулијана Дамчевска е кружниот напаѓач Анастасија Трпеска, која остави одличен впечаток на штотуку завршеното Европско кадетско првенство во Црна Гора.
Трпеска на кадетскиот Мундијал покажа раскошен талент со одлична игра во нападот, пожртвуваност во одбраната, па така на два натпревари на Европското кадетско првенство беше прогласена за најкорисен играч, односно МВП.
Оваа 17-годишна ракометарка во Металург Автокоманда доаѓа од актуелниот шампион Ѓорче Петров. Трпеска со Ѓорче Петров во последните две сезони ја освои шампионската титула во Женската лига.
За Металург Автокоманда потпиша и Сара Миновска, Мила Трајковиќ, Марија Петреска, Амра Терзиќ, Mиа Маринчов, Таида Беровиќ, Михаела Кралева…
Речиси сите споменати ракометарки беа дел од ,,стариот” Металург, кој успеа да опстои на ракометната мапа во Македонија. Во меѓувреме „старите тренери“ од ЖРК Металург, помогнати од неколку бизнисмени почнаа нов проект користејќи го брендот „Металург“.