Од 25 до 28 август, ракометните љубители во Прилеп ќе уживаат во квалитетен ракомет, но и на дело ќе ги видат дел од младинските и кадетски репрезентативци на Македонија, кои настапуваат во клубовите учесници на годинешното издание на турнирот.
Претстојните четири ден во Прилеп ќе се одржи осмото издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“.
Од 25 до 28 август, ракометните љубители во Прилеп ќе уживаат во квалитетен ракомет, но и на дело ќе ги видат дел од македонските младинските и кадетски репрезентативци, кои настапуваат во клубовите учесници на годинешното издание на турнирот.
Членот на организацискиот одбор на турнирот Рубинчо Седлоски на денешната прес конференција најави добар турнир во Прилеп.
„Сите ние вклучени во организацијата на овој турнир кој е осми по ред, секоја година се трудиме да одиме ниво погоре. Изградивме имиџ дека турнирот се организира на високо ниво. Оваа година стапивме во контакт со екипата на Кокс, која изрази желба да биде дел од турнирот. Имаше желба и од други екипи од странство кои сакаа да играат, но решивме да има само две странски екипи, бидејќи целта на овој турнир беше и е, подготовки на македонските екипи пред стартот на првенството. Дубочица ни е партнер, со кој Прилеп игра и пријателски натпревари и оди во Лесковац. Имаше и други екипи од странство кои сакаат да играат, но лимитирани сме и со сместувачки капацитети, и со организација и инфрасктруктурно, па сметаме дека најдобро е овие осум екипи да бидат дел од турнирот. Ќе имаме набиена агенда, но добро е за екипите да видат до каде се во подготвителниот период. Ова се натпревари од меѓународен карактер и ќе ги судат арбитри од цела Македонија“, вели Седлоски.
Потпретседателот на ракометниот клуб Прилеп, Никола Чадамов, ги откри очекувањата на домашната екипа од турнирот.
„Прилеп веќе одигра три пријателски натпревари. Знаеме дека сега почнавме да ја градиме екипата и полека се воигрува. Очекувањата се да одиграме добро и да бидеме во ТОП 3, но нема да се разочараме ако не биде така. Ќе биде добар тест да се види до каде сме, дали дополнително ќе бидат потребни нови играчи, до кое ниво се стигнати актуелните ракометари. Играчите го даваат максимумот на тренинзите, се запознаат полека, ние од организациска страна се трудиме да им ги овозможиме сите услови и да бидат фокусирани само на ракометот. Играчкиот ростер не е затворен, постои можност за уште едно до две засилувања до стартот на сезоната, за екипата да ги исполни очекувањата – пласман во плеј-офот“, вели Чадамов.
Освен домашната екипа, учесници од Македонија ќе бидат уште Еурофарм Пелистер 2, Пролет, Мулти Есенс, Струга и Скопје. На турнирот ќе настапат и две странски екипи. Станува збор за актуелниот бранител на титулата, тимот на Дубочица од Лесковац, кој за тренер го има актуелниот селектор на младинската репрезентација на Србија, Ѓорѓе Теодоровиќ, и редовниот учесник на европска сцена, финскиот прволигаш Кокс.
Осмото издание на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“ ќе биде отворено со дуел меѓу екипите на Еурофарм Пелистер 2 и Пролет. Натпреварите од групите ќе се играат на 25, 26 и 27 август. На последниот ден, односно на 28 август, ќе бидат дуелите за пласман. По финалето, ќе следува свечено затворање на турнирот каде ќе бидат поделени индивидуалните признанија.
Натпреварите ќе се играат во салата при СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп. Влезот за сите љубители ќе биде бесплатен.