Традицијата што трае 50 години ќе продолжи и ова лето, па Струга и отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ ќе бидат домаќини на 51. издание на Струшкиот турнир.
Турнирот ќе биде отворен со мечот меѓу Струга и Вардар в среда од 18:30 часот, а директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски го најави новото издание.
„Благодарност до РФМ што овој турнир како еден од најстарите на Балканот и во Европа, си има континуитет и си дава млади ракометари кои ги бранат боите на македонската репрезентација. Ние како Агенција за млади и спорт сме генерален покровител на овој турнир низа години, наше е задоволството да го гледаме овој турнир како расте и се развива и дава многу македонски репрезентативци и се надевам дека така ќе продолжи. Тука сме да поддржуваме овој спорт, спорт број еден во нашата држава. Честитки со РФМ, која направи голем успех со кадетската репрезентација на СП во Хрватска и се надевам овие деца ќе продолжат по стапките на А репрезентацијата и ќе ја водат државата на сите големи натпреварувања. Што се однесува до турнирот, се надевам дека се ќе помине во најдобар ред како и секоја година. Посакувам полни трибини, се гледаме таму, а ние како генерален покровител ќе ги следиме натпреварите одблиску“, вели Мојсовски.
Ракометната федерација на Македонија исто така ја поддржува организацијата на традиционалниот турнир. Генералниот секретар Филип Милошевски очекува возбудливи натпревари.
„Навистина ни е драго што овој турнир има сериозен интегритет, кој се одржува многу години. РФМ низ сите овие години дава максимална поддршка на оваа спортска манифестација. Од аспект на организациски дел, имаме искуство и знаеме како тоа ќе биде спроведено. Очекуваме возбудливи натпревари и ќе биде навистина уживање за ракометните љубители“, изјави Милошевски.
Тренерот на Струга, Наум Танески, ги повика сите љубители на ракометот да следат возбудливи натпревари.
„Самиот факт што турнирот влегува во шестата деценија кажува за тоа каков турнир се работи. Голема благодарност до АМС и РФМ што даваат максимална поддршка за овој турнир да биде на едно високо ниво, и од година во година да расте, како организациски, така и натпреварувачки. Поминаа многу ѕвезди, многу ракометни имиња, така и ќе продолжи. Ќе има добар ракомет, врвни екипи…ги повикувам сите љубители на ракометот да дојдат и да ги следат овие натпревари“, вели Танески.
Турнирот започнува во среда, а финалниот ден ќе биде во сабота, кога ќе се играат дуелите за петто, трето место, како и големото финале.
Дознајте ги сите новости поврзани со 51. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет.
.
.
Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!