Вардар е на добар пат да го договори шпанскиот интернационалец Виктор Алонсо Гарсија, кој има 33 години. Десниот бек во сезоната 2019/20 беше четврти стрелец во Асобал лигата во дресот на Анхел Хименез, а има богато интернационално искуство.
Тимот на Вардар е на добар пат да го комплетира ростерот за следната сезона со ангажманот на искусен десен бек. Според информациите на 24Ракомет, на мета на двократниот европски првак е 33-годишниот шпански десен бек Виктор Алонсо Гарсија. Тој е поранешен шпански репрезентаивец. Минатата сезона ја мина во италијанскиот тим Ромања.
Алонсо потекнува од некогашниот шпански гигант Портланд Сан Антонио и ги мина сите младински категории во „фуријата“. Во татковината играше уште за Овиедо, Ваљадолид, Адемар Леон и Анхел Хименез.
Настапуваше и за францускиот Кретеј три сезони, потоа за романскиот тим Бакау, пред да се пресели во косовскиот првак Беса од 2020, каде играше до лани во период кога имаше тренер Шпанец. Кратко беше дел и од израелскиот тим Нес Зиона.
Вардар на десната бековска позиција го има на располагање само македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски, па со евентуалното доаѓање на Гарсија, стратегот Владо Недановски ќе има поширок ростер и повеќе комбинации.
„Црвено-црниот“ тим одработи подготовки во Маврово, сега следуваат пријателски натпревари, како и настапот на турнирот во Струга пред двомечот со Рајн Некар Левен од квалификациите за Лигата на Европа.