По најавените организациски промени, па и смена во играчкиот кадар, Вардар изгледа дека го фати вистинскиот колосек кој води кон стабилизација. Најважна е таа, финансиската, и „црвено-црните“ го претставија својот нов спонзор и најавија уште такви.
Извршниот директор Борко Ристовски на првата прес-конференција на која ја презема функцијата најави дека во Вардар ќе има повеќе помали спонзори кои треба да донесат стабилизација. И тоа почна да се остварува.
Повеќекратниот македонски ракометен првак Вардар во својот спонзорски тим го има Бествеј Солушнс. Извршниот директор на Вардар, Борко Ристовски и сопственикот на Бествеј Солушнс, Ненад Стојкоски ја официјализираа соработката, и ги најавија новите ветришта кои треба да дуваат во Вардар во иднина.
„Благодарност до Бествеј Солушнс што ќе биде наш партнер во иднина и го препозна она што во клубот го правиме за враќање на Вардар на патот на успехот. Промените што почнаа во Вардар, и играчки и организациски, сега ги прошируваме и на другите полиња. Сигурен сум дека нашиот спонзорски тим што веќе почнавме да го создаваме ќе ни овозможи не само нормално функционирање, туку и исполнување на плановите во иднина. А тие се враќање на трофеите, враќање во европскиот ракометен крем и создавање на нови играчи. Секој почеток е тежок, но ќе ни биде многу полесно со поддршката што ја имаме од Бествеј Солушнс, и од другите спонзори што ќе додат во семејството на Вардар, изјави Борко Ристовски, извршниот директор на „црвено-црните“.