Португалската федерација го смени системот на натпреварување во најсилната машка конкуренција која сега брои 12 екипи. Досега се играше само лигашки дел, и тоа со 14 екипи, па Порто, Бенфика и Спортинг, имаа по четири тешки натпревари во текот на сезона.
Со новиот систем на натпреварување, по лигашкиот дел, откако ќе бидат одиграни 22 кола по принципот дома-гости со сите ривали, екипите ќе се поделат на три сегменти по четири.
Оние од 1 до 4 место ќе се борат за титулата и за место во Европа, оние од 5 до 8 ќе се борат за последното место во европските купови, додека оние од 9 до 12 место ќе разигруваат за опстанок.
Јасно е дека Порто на Никола Митревски, Бенфика на Филип Талески и Спортинг Лисабон се главните фаворити за титула, но јасно е дека сега ќе мораат по потежок пат, бидејќи секоја од екипите ќе одигра по најмалку осум дерби натпревари во целата сезона.
Првото коло од португалскиот шампионат ќе се игра на 2 септември. Бенфика на Талески ќе игра на гости кај Спортинг Лисабон, додека Порто гостува кај Белененсес.