Иако некогашниот повеќекратен машки првак, Металург веќе втора сезона го нема на ракометната сцена во Македонија и веројатно ќе замине во историјата, од Автокоманда доаѓа најава за воскреснување на „помалиот брат“ – Металург Јуниор. Тоа всушност треба да биде спојување на две екипи кои се пријавени за настап во Прва лига, и со фузија ќе се создаде еден тим.
Екипите на Металург РА и Јуниор Кисела Вода решија да ги здружат силите и во иднина заеднички да го вратат духот на „сините“, можеби не во некогашното шампионско светло, но во Автокоманда пак да има домашен тим кој ќе ја продолжи традицијата на населбата. Сината боја ќе доминира во Автокоманда, без разлика која екипа ќе биде домаќин, поранешните концесионери на салата или сегашните кои исто така ја земаа сината боја за своја.
И двата тима се пријавени за настап во Прва лига, но нивните намери за спојување се сериозни, и веќе се речиси завршени разговорите за заедничкиот настап. Веројатно наскоро ќе има и детали за договорената соработка.
Екипата на Јуниор Кисела Вода всушност е поранешниот тим на Металург Јуниор кој потоа „се раздружи“ со постариот шампионски брат, и предводен од Ристо Чокрев реши да создава своја ракометна приказна. Поранешниот претседател на „вистинскиот“ Металург во неговите најдобри денови го пресели тимот во Кисела Вода. Избори место во Супер лигата, но сезонава за влакно не успеа да ги издржи сите игри на теренот и надвор од него, па мораше да се пресели в понизок ранг. Дел до играчите заминаа, а некои е неизвесно дали ќе останат.
Металург РА е всушност, третото дете во семејството, најмладото од Автокоманда, кое беше инкубаторот на оние најмладите. Финансиката криза и таму тропна на вратата, го чуваа иметот на Металург, иако со додавка кога шампионот беше суспендиран од ЕХФ, па играчите продолжија таму да настапуваат. Дел од талентираните заминаа или ги земаа други клубови, па играчкиот кадар почна да се намалува.
Спојувањето би значело враќање на Чокрев кон корените, кон Автокоманда и Металург, и носталгијата за славните денови. Правењето на новиот клуб, или слевањето на еден во друг, на кратки патеки треба да донесе стабилизирање, а потоа и можеби пуштање чекор напред.
Можеби повторно ќе се пее химната „Само еден Металург“…