Алжирскиот репрезентативец и долгогодишен учесник во Лигата на шампионите, Калифа Гедбан е најновото засилување во македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.
26-годишниот голман на алжирската репрезентација во Битола доаѓа како слободен ракометар, а последната сезона ја помина во првакот на Романија и учесник во Лигата на шампионите, Динамо Букурешт.
Искусниот голман со битолскиот тим потпиша договор на една сезона, со опција за уште една. Калифа ќе им се приклучи на Урбан Лесјак и Марко Кизиќ на голманската позиција.
Гедбан е висок 200 сантиметри, а тежок 110 килограми и веќе пет сезони е дел од европскиот ракомет. Две сезони мина во Вардар и стана шампион на Европа. По добрите настапи во Македонија се пресели во култниот шпански клуб Адемар Леон, потоа направи трансфер во Динамо Букурешт.
Во последните две сезони со успех го носеше дресот на романскиот гигант. Калифа Гедбан деновиве доаѓа во Македонија и веднаш ќе му се приклучи на Еурофарм Пелистер на подготовките во Маврово.
Неговото официјално претставување е предвидено на почетокот од месец август. Алжирскиот голман е шесто засилување на Еурофарм Пелистер оваа сезона по Цехте, Борзаш, Нилсен, Петровиќ и Ѓорговски.