Вчера во Ресен по вторпат се одигра ревијален натпревар под мотото „Преспа за Зоки, Були и Котле“ во чест на ракометните легенди од Ресен – Илче Котевски, Булент Ибрахим и Зоран Стојановски.
Исто како и во претходната година, кога за прв пат беше организиран ревијален натпревар за тројцата ракометари, кои оставија голема трага во ресенскиот ракомет, на теренот во спортската сала „Зоран Стојановски“ во Ресен се појавија поранешни и сегашни ракометари на Преспа.
Натпреварот беше одигран помеѓу екипа составена од ракометари кои настапуваат во Супер лигата, односно играчи кои во минатото настапувале за Преспа и екипа составена од ракометари кои заедно настапувале со Котевски, Ибрахим и Стојановски.
На ревијалниот натпревар настапија Владо Недановски, Горан Печенковски, Аце Станковски, Златко Везенковски, Иван Ангелковски, Влатко Тасевски, Никола Стојчевски, Мартин Карапалевски, Стефан Крстевски, Дејан Трајановски, Кристијан Василевски и многу други сегашни и поранешни ракометари и тренери од Преспа.
Од раководството на Преспа по повод 30 годишнината од постоењето на клубот, доделија плакети за сите оние кои помогнаа клубот да опстои на ракометната мапа во Македонија.