Амбициозниот тим на Охрид во претходниот ден означи старт на подготовките за новата сезона 2023/24.
Во ростерот на Охрид има дури осум засилувања, тројца од нив се интернационалци, додека останатите се домашни играчи.
Спортскиот директор на Охрид, Славчо Ристески, ги сподели очекувањата за новата сезона.
„Вчера го потпишавме осмиот играч, тоа е третиот голман Бобан Ристевски од Еурофарм Пелистер и со новиот тренер и осумте засилувања атакуваме високо за новата сезона. Амбициите се место во Европа. Составот е комплетиран, до 9 август сме во Охрид, потоа имаме договорен пријателски меч со Еурофарм Пелистер, на 10 август подготовките ги продолжуваме во Маврово, таму ќе бидеме до 18 август и ќе одиграме пријателски меч со Вардар. Во организација на РК Охрид од 23 до 26 август ќе се одржи второто издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски Усташ“, турнир кој оваа година е многу квалитетен со одлични и моќни екипи”, изјави Ристески.
Ракометарите на Охрид во новата сезона од регуларниот дел во Супер лигата за ривали ги имаат Струга, Куманово, Тиквеш, Аеродром, Скопје, Еурофарм Пелистер 2 и Алкалоид.
Охриѓани минатата сезона извисија од пласман во Европа, беа многу блиску до камбек на европска сцена, но завршија зад најдобрите четири екипи.