Тимот на Лајпциг, кој е предводен од исландскиот стратег Рунар Сигтригсон, познат на ракометната јавност по неговото барање за укинување на играта „седум на шест“, го претстави новото засилување.
Раководството на клубот во консултација со Сигтригсон реши да не троши премногу пари за нов трансфер и како ново засилување го ангажираше неговиот син Андри Мар Рунарсон.
Младиот ракометар во клубот кој е предводен од неговиот татко ќе пристигне од редовите на суперлигашот од Исланд, Хаукар. Со исландскиот тим минатата година учествуваше во Лигата на Европа.
20-годишниот нов член на Лајпциг веќе има забележано настапи во Бундес лигата, но како член на Штутгарт, во сезона 2021/22. Средниот бек неколку години беше дел и од ракометната академија на Лајпциг.
Синот на Сигтригсон на Светското младинско првенство, кое се одржуваше во Германија и Грција, беше предводник на исландската репрезентација, која направи историски успех освојувајќи го бронзениот медал.