Поранешниот македонски првак Вардар ќе ја започне со големи промени во играчкиот и во раководниот дел, но и во младинските школи.
Легендарните Пепи Манасков и Зоран Петковски не се повеќе дел од младинските школи во клубот.
Стојанче Стоилов, кој замина во пензија, сега е координатор на младинските школи, а нови имиња се Даниела Тасевска од клубот Рисови и Кире Атанасовски, екс ракометар на Вардар.
„Ќе се возобнови ракометната академија, оформени се екипи во младинска, кдетска и пионерска екипа. Во план е отворање ракометни школи во Скопје и во цела Македонија. План е Вардар овторно да биде стабилен клуб и да произведува играчи“, изјави извршниот директор на Вардар, Борко Ристовски.
Стоилов вели дека во Вардар беа запоставени младинските категории.
„Имаше многу пропусти низ годините, знаете дека кога целиот тим е разнишан, се запоставуваат младинските категории. Сега сакаме да го смениме тоа, да работиме со младите и да се врати нашата школа. Ракометот долго време беше спорт број еден во земјава, па многу деца го сакаат и го играат. Преку младинските школи треба да учат тоа што го тренира првата екипа. Мислам дека така се работи низ големите клубови и така треба и ние да работиме во иднина“, изјави Стоилов.
Вардарци во новата сезона покрај сениорска екипа, пријавија екипи и во сите младински категории – пионери, кадети и младинци.