По 19 години Реваз Чантурија заминува од Македонија!

Легендарниот грузиски репрезентативец и еден од најдобрите странци што играле во Македонија – Реваз Чантурија, по цели 19 години заминува од нашата држава.

Чантурија се сели во Германија и во иднина ќе го носи дресот на тимот на Цвикау, каде што играше Борјан Маџовски, а минатата сезона таму беа и Пеце Георгиески и Ангелче Органџиев.

Грузиското десно крило остави длабока трага во македонскиот ракомет, како играч, а последната сезона беше и на тренерската клупа во Прилеп.

Чентурија во 2004 година дојде за првпат во Македонија како член на грузискиот тим Шевардени Тбилиси, која играше против Металург во ЕХФ Купот и остана цели 19 години.

Шест сезони мина грузиското десно крило во Автокоманда, до 2010 година. Потоа настапуваше една сезона во Вардар, па една во Пелистер, пред да замине во Струмица, каде остана четири сезони.

Одново беше во Битола, таму мина три сезони, па по една во Струга и Металург, а во 2020 дојде во Прилеп. Во овој клуб беше меѓу најдобрите стрелци, а минатата сезона беше и тренер и му донесе опстанок во елитното друштво.

Чантурија во Германија во прв момент ќе биде само играч, но сигурно во блиска иднина би можел и таму да ја продолжи тренерската кариера.

Со неговото заминување македонскиот ракомет ќе остане осиромашен за еден од најдобрите странци што играле во нашето првенство.