Женската младинска репрезентација на Македонија денес беше поразена од Норвешка со 29:23 во натпревар од разигрувањето за пласман од 9 до 16 место на Европското првенство во Романија. Македонија иако одигра одлично во првото полувреме, сепак, немаше доволно сили за парирање во вториот дел.
За разлика од претходните три дуели, во кои Македонија играше „падни-стани“, во првото полувреме, избраничките на Јулијана Дамчевска во првиот дел со Норвешка од првата, па до последната минута беа во предност и не дозволија во ниту еден момент ривалот да дојде до израмнување.
Младинките на Македонија имаа одличен старт, поведоа со 2:0, потоа имаа 3:1, а свое шутерско издание имаше Јанкуловска, која беше незадржлива на теренот во првите 30 минути. Норвешка дури во девет наврати намалуваше на гол негатива, но никако не можеше да го израмни резултатот.
Македонија успеаваше да биде чекор пред скандинавската селекција и до крајот на првото полувреме беше во минимална предност од еден до два гола разлика. Голманката Марија Јовановска секогаш кога норвежанките доаѓаа во налет за израмнување не дозволуваше лесно да биде совладана и беше една од најзаслужните за предноста од 11:9 на полувреме.
Во вториот дел дојде до пат во играта на македонската репрезентација и падот резултираше со пресврт на Норвешка. По нерешените 13:13, ракометарките на Норвешка постигнаа пет гола во низа, направија пресврт и поведоа со 18:13 во 40-та минута.
Тука беше скршен отпорот на Македонија, бидејќи до крајот Норвешка лесно погодуваше и беше во убедлива предност.
Најефикасна во репрезентацијата на Македонија беше Марија Јанкуловска со девет погодоци. Кај Норвешка најрасположена беше Пиа Гронстад со шест реализации.