Со одигрувањето на последното коло од групната фаза на Европското првенство, кое се одржува во Романија, познати се сите патници во главната фаза.
Домашната селекција, која во второто коло беше изненадена и поразена од Португалија, денес успеа да ја совлада Германија со 35:30 и победата од пет гола разлика беше доволна за Романија да ја помине групната фаза и да обезбеди пласман меѓу најдобрите осум репрезентации.
Романија заедно со Португалија и Германија завршија со по четири освоени бодови во групата Б, но во главната фаза освен Романија патува и Португалија, додека Германија ќе се бори за најмалку 9-то место на ЕП.
Без пласман во главната фаза остана и младинската репрезентација на Норвешка. Скандинавската селекција ја совлада само Србија и доживеа пораз од Унгарија и Франција.
Од групата во која се наоѓа Норвешка, репрезентациите на Унгарија и Франција продолжуваат во следната фаза. Норвешка заедно со Србија се ривалите на Македонија во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место.
Младинската репрезентација на Холандија остана без пласман во ТОП 8, откако во групата А оствари само една победа. Шведска и Швајцарија се репрезентациите од групата А кои завршија на прво и второ место во споменатата група.
Како што е веќе познато, женската младинска репрезентација на Македонија денес беше поразена од Чешка и со три порази го заврши настапот во групата Д, од која Црна Гора и Данска патуваат во следната фаза.
ЕП, младинки 3. коло, резултати:
група А
Шведска – Холандија 27:24 (11:12)
Хрватска – Швајцарија 30:34 (20:18)
група Б
Португалија – Исланд 44:27 (22:10)
Германија – Романија 30:35 (15:18)
група Ц
Франција – Србија 33:22 (16:12)
Унгарија – Норвешка 28:20 (13:8)
група Д
Чешка – Македонија 29:24 (11:12)
Данска – Црна Гора 29:29 (15:13)