Женската младинска репрезентација на Македонија со пораз го заврши настапот во групната фаза на Европското првенство во Романија, откако денес загуби од Чешка со 29:24.
Македонија по настапот во групната фаза ќе разигрува за пласман од 9 до 16 место на младинскиот континентален собир. Освен од Чешка, репрезентацијата на Македонија беше поразена и од Црна Гора и Данска.
Ракометарките на Дамчевска во првиот дел речиси 25 минути беа во негатива, но не се откажуваа и не дозволуваа репрезентацијата на Чешка да поведе со повисока разлика од четири гола. По водството на Чешка од 11:7, кое беше нејзината најголема предност во првите 30 минути, следуваше серија од 4:0 на Македонија, која со погодоците на Стефаноска, Борјана Коцева и Дукоска целосно се врати во игра, најпрво израмни на 11:11, потоа со голот на Јанкуловска, замина на пауза со минимална предност од 13:12.
Чешка мотивирано влезе во вториот дел и резултатот го сврте во своја полза. Кај Македонија дојде до голем пад во играта, чешката репрезентација направи серија од 5:0 и во 40-та минута имаше предност од плус пет, 17:13. Левиот бек Стефаноска со својот четврти гол го прекина кризниот период на Македонија и намали на 17:14.
Во последните 20 минути предноста на Чешка се движеше од два до четири гола разлика. Младинките на Македонија на осум минути пред крајот намалија на 23:22, беше 24:23 во 55-та минута, но во желбата за камбек, ракометарките на Дамчевска избрзаа во неколку напади, Чешка со неколку брзи гола зголеми на 27:23 и тука веќе беше одлучен победникот на денешниот дуел.
Најефикасни во составот на Македонија беа Сара Стефаноска со шест и Марија Јанкуловска со пет погодоци. Голманката Ема Кирова дуелот го заврши со шест интервенции.