Женската младинска репрезентација на Македонија стартуваше со пораз на Европското првенство од Црна Гора, 33-29. Иако во поголем дел од мечот нашите ракометарки им парираа на противничките, сепак на крајот останаа со празни раце.
Ракометарките на Црна Гора имаа одличен старт, поведоа со 3:1, водеа во уште неколку наврати, додека избраничките на Јулијана Дамчевска по десет минути игра резултатски се вратија и направија пресврт.
Иако Црна Гора водеше со 7:4, сепак, Македонија преку расположената Марија Јанкуловска, која во првите десетина минути имаше 100% реализација, четири од четири, најпрво израмни на 7:7, потоа поведе со 8:7.
Од тој момент Македонија имаше минимална предност од гол позитива. Во 15 минута резултатот беше нерешен, 10:10, додека пет минути подоцна, односно во 20 минута, македонската репрезентација водеше со 13:12.
По водството на Македонија од 15:14, следуваше серија од 3:0 на Црна Гора, која во 27-та минута стигна до плус два, 17:15, a до крајот на полувремето кога нашите беа со ракометарка помалку на терен, ривалот успеа да стигне и до плус три, 19-16.
На стартот на вториот дел Црногорките врзаа два гола за 21-16 и потоа беше тешко за нашите ракометарки да бркаат негатива. Стефаноска од пенал намали на 25-22, но потоа нереализирани напади и Црна Гора дојде до највисоки шест плус, 30-24.
Нестороска и Радевска внесоа малку свежина во македонскиот напад и на десет минути до крајот беше 31-27. Чурлиновска запре еден удар, а Коцева изнуди пенал на спротивната страна кој го погоди Јанкуловска за минус три.
Имавме шанса и за минус два, но не погодивме, па казната стигна преку Брајовиќ за 32-28. До крајот Црногорките рутински ја задржаа предноста и го затворија натпреварот со победа од четири гола, 33-29.
Стефаноска и Јанкуловска дадоа по шест погодоци, по четири имаа Дукоска и Борјана Коцева, додека три пати погоди Младеновска. За Македонија утре од 16:30 часот следува дуел со фаворитот Данска, која во првото коло ја победи Чешка со 36-26.