Црногорскиот репрезентативец Мирко Радовиќ од новата сезона ќе игра за својот матичен клуб Ловќен од Цетиње.
Екс капитенот на Еурофарм Пелистер во редовите на црногорскиот шампион беше претставен како големо засилување.
Искусниот ракометар во Еурофарм Пелистер играше пет сезони и во изминатата 2022/23 конечно успеа со битолскиот клуб да дојде до титулата во Супер лигата.
Тој во интервју за црногорскиот портал „Побједа“ зборуваше за неговиот камбек од Битола во Ловќен, како и за амбициите на клубот од Цетиње.
,,Направивме голем успех со освојување на титулата по 18 години, јас бев капитен на екипата. Но, имаше покана од Ловќен, клубот во кој ги направив првите чекори и не размислував многу, решив да се вратам дома. Ми се допадна проектот Ловќен кој го претставија Видо Ѓаконовиќ и спортскиот директор Вук Латковиќ, како тренер дојде и Перо Милошевиќ, тоа е навистина сериозна приказна”, изјави Радовиќ.
Враќањето на Радовиќ во Црна Гора е од повеќе причини, а една од нив е младите ракометари да имаат поддршка од постарите.
,,Мислам дека е време ние играчите и репрезентативците да му вратиме нешто на црногорскиот ракомет. Сакав да бидам еден од првите што ќе покажам со мојот пример дека можеме да се вратиме дома и да ја подобриме нашата лига, да бидам тука за младите сили за да имаат кого да гледаат на терените во нашата земја, да уживаат во ракометот и да растат со него, како што ние ги гледавме Ратко Ѓурковиќ, Петар Каписода, Младен Ракчевиќ, Горан Ѓукановиќ и други врвни играчи”, додаде Радовиќ.
Ракометарите на Ловќен на европска сцена најпрвин ќе играат во квалификациите за учество во групната фаза во Лига на Европа. Доколку не го поминат квалификациското коло, тогаш ќе играат во ЕХФ Купот.
,,Сакаме да бидеме доминантни на домашната сцена и да одиме што подалеку во Европа со цел клубот од година во година да биде на повисоко ниво. Каква и да е конкуренцијата, ние секогаш ќе се трудиме да одиме чекор понапред од порано и постепено да се враќаме таму каде што припаѓаме, на победничките патеки”, заврши Радовиќ.
Освен Радовиќ, клубот успеа да ангажира уште неколку звучни имиња, дел од нив се сегашните и потенцијални репрезентативци на Црна Гора.
Ловќен ќе биде посилен со некогашниот ракометар на Струга, Вук Лакичевиќ, потоа кружниот напаѓач Лука Вујовиќ, кој своевремено играше за Металург и Работнички, десниот бек Иван Перишиќ и голманот Филип Борозан.