СИТЕ ШАМПИОНИ ВО ЕВРОПА: Од грузискиот Батуми и литванската Швиеса до Еурофарм Пелистер, Загреб, Кил…

Ракометниот портал „Брз Центар“ направи интересен преглед на сите шампиони низ Европа.

Како што е веќе познато, со завршниот турнир во Лигата на шампионите се затвори сезоната, а голем дел од шампионите на европските земји ќе се подготвуваат за новата сезона и учеството во европски рамки.

Лига на шампиони 

Тимот на Магдебург во своето деби на Ф4 турнирот во Келн успеа да ја освои титулата во европската елита, откако во финалето славеше над полскиот шампион Келце со 30-29 (26-26, 13-15) во продолженија. Еден од најстарите тимови во Германија успеа по речиси 21 година да го врати трофејот од елитното натпреварување. Магдебург во својата клупска историја беше шампион на Европа во сезона 1977/78, 1980/81 и 2001/02. Во изминатата сезона стигна до четврти трофеј во Лигата на шампионите, односно до 11-то злато од европските натпреварувања, со оглед на тоа дека ги има освојувано и тогашниот ЕХФ Супер Куп, како и Лига на Европа.

Лига на Европа

Уште еден тим од Германија успеа да освои злато во европските натпреварувања. Фуксе Берлин го освои првото место во второто по ранг европско натпреварување – Лига на Европа. Бундеслигашот на Ф4 турнирот во Фленсбург немаше поголеми проблеми во финалето против Грањолерс, славеше со 36:31. Екипата на Фуксе Берлин во сезона 2014/15 и 2018/19 го освои ЕХФ Купот.

*Овие два тимови, кои се составени од голем број познати и квалитетни ракометари, во последните две сезони гостуваа во Македонија, поточно беа гости кај Еурофарм Пелистер. Фуксе Берлин во изминатата сезона играше во групната фаза со новиот македонски шампион. Магдебург со Еурофарм Пелистер се сретна во сезона 2021/22 во рамки од осминафиналето во Лига на Европа.

ЕХФ Куп 

Српскиот шампион Војводина во претходната сезона го направи својот најголем историски успех. Освои две титули на домашна сцена и еден трофеј во Европа. Клубот од Нови Сад чекор по чекор фаќаше залет во ЕХФ Купот и успеа да обезбеди пласман во финалето. Ривал на Војводина во борбата за првото место беше составот на Наербо од Норвешка, кој во сезона 2021/22 стигна до трофејот во третото по ранг европско натпреварување. Војводина покажа дека може да се носи со скандинавски екипи и успеа да го освои првото место во ЕХФ Купот.

ФРАНЦИЈА 

Најбогатиот европски клуб ПСЖ успеа да ја одбрани шампионската титула во францускиот шампионат. ПСЖ од сезона 2012/13 редовно ја освојува титулата во Франција, но никако да дојде до посакуваната цел во Европа, до првото место во Лигата на шампионите. Тимот предводен од екс тренерот на Вардар, Раул Гонзалес, заврши на 4. позиција на Ф4 турнирот во Келн, иако пред настапот беше еден од фаворитите за титулата.

ГЕРМАНИЈА

Најсилната лига на светот – Бундес лигата доби нов шампион, откако Кил успеа да ја врати титулата во своите раце. Вицешампионот Магдебург, кој ја освои Лигата на шампионите, немаше доволно сили да ја одбрани титулата во националниот шампионат. За Кил освоената титула беше 23-та во својата клупска историја. Тимот на Филип Јиха не играше на Ф4 турнирот во Келн, откако во четвртфиналето беше елиминиран од ПСЖ.

МАКЕДОНИЈА

Екипата на Еурофарм Пелистер конечно дојде до освојување на шампионската титула на домашна сцена. Битолскиот клуб речиси 18 години чекаше на суперлигашката титула. Освен титулата во Супер лигата, новиот македонски шампион го освои и Супер Купот. Еурофарм Пелистер изминатата сезона го направи најголемиот успех во регионалната СЕХА лига со освоеното трето место. Битолчани за следната сезона подготвуваат поконкурентен тим за европска сцена, бидејќи клубот ќе игра во Лигата на шампионите.

ХРВАТСКА

Во хрватскиот шампионат досега се одиграа 32 сезони, од кои една беше прекината поради пандемијата, а Хрватска има само еден шампион. Дури 31 пат првак е тимот на Загреб. Тимот од хрватската престолнина во штотуку завршената сезона три победи над Нексе ја реши битката во финалната серија. Загреб го освои и Купот на Хрватска, така што ,,плинарите” ги остварија зацртаните цели на домашна сцена. Едни од најзаслужните за одбраната на дуплата круна на Загреб се двајцата екс ракометари на Вардар, Тимир Дибиров и Иван Чупиќ.

БИХ

Супер лигата во БиХ од сезона во сезона станува се поинтересна. Титулата за сезона 2022/23 ја освои екипата на Извиѓач, второпласиранa беше екипата на Вогошча, треото место им припадна на ракометарите на Леотар.

СЛОВЕНИЈА

Исто како и во Хрватска, во Словенија доминантен е тимот на Целје. Клубот предводен од екс ракометарот на Вардар, Алем Тоскиќ, го држи рекордот во Словенија по бројот на освоени титули. Минатата сезона ја одбрани титулата во домашниот шампионат и стигна до бројката од 25 освоени титули. Освен доминацијата во суперлигашката конкуренција, тимот на Тоскиќ го освои и Куп трофејот, а на европска сцена иако не обезбеди пласман во осминафиналето, сепак, направи неколку сензации во групната фаза со победите над Алборг, Нант, Кил…

ЦРНА ГОРА

Амбициозниот тим на Ловќен по неуспех во сезона 2021/22 кога не ја освои титулата на домашна сцена, во минатата сезона беше подобар во однос на ривалите за првата позиција на табелата и заслужено стигна до шампионското место. Тимот од Цетиње во Купот на Црна Гора заврши како второпласиран.

СРБИЈА

Војводина го освои 10-тото првенство по ред, Купот на земјата по 8-ми пат, а во Еврипа беше освоен и трофејот во ЕХФ Купот.

КОСОВО

Тимот на Беса 10-ти пат по ред го освои шампионатот на Косово. Сепак, најтрофејниот клуб од Косово не стигна до Куп трофејот. Ракометарите на Трепча беа вистински конкуренти на Беса од финалето во Купот и со подобрата ангажираност направија големо изненадување освојувајќи го првото место.

РОМАНИЈА

Најбогатиот тим во Романија го освои Суперкупот и шампионатот, но го загуби Купот од Констанца. Динамо Букурешт за следната сезона не доби вајлд-карта за настап во Лигата на шампионите и ќе игра во второто по ранг европско натпреварување – Лига на Европа.

АВСТРИЈА

Веста за новиот шампион на Австрија беше проследена во сите спортски медиуми, со оглед на тоа дека освојувачот на трофејот, тимот на Вест Виен, од економски причини престанува да постои професионално. Сениорскиот тим во целост се распушта, а во функција ќе останат само дел од младинските школи. Вест Виен во својата клупска историја шест пати го освојуваше домашниот шампионат. Во 90-те години ги освои речиси сите титули, вкупно пет, и успеа по три децении повторно да се искачи на тронот. Дресот на овој клуб го носеле неколку познати имиња како Јанко Божовиќ, Виго Кристијансон, Гудмундор Хелгасон, Никола Мариновиќ…

ПОРТУГАЛИЈА

Тимот на Порто, во кој настапува НиколаМитревски по петти пат во низа стана шампион на Португалија. За македонскиот репрезентативен голман ова беше трета титула по транферот на Пиринејскиот полуостров. Со освојувањето на титулата, Порто и Митревски добија директно место во Лигата на шампионите, додека второпласираниот Спортинг, кој побара вајлд-карта, извиси од елитата.

ШПАНИЈА

Барселона без голема конкуренција ги зеде сите три трофеи во Шпанија и ја зголеми колекцијата на титули, сега има вкупно 145.

ДАНСКА

Алборг не успеа да ја освои титулата во данскиот шампионат. Скапиот тим повторно беше поразен во битката за титулата од ГОГ. Клубот од Гудме уште еднаш покажа дека без разлика со каков тим настапува, секогаш е подготвен за високи дострели.

ШВЕДСКА

Трета сезона по ред во Шведска има нов шампион. Овој пат титулата ја освои екипата на Кристијанштад, која стана најсилна за прв пат по пауза од пет години.

НОРВЕШКА

Новиот дрим тим на европска сцена – Колстад во минатата сезона ја освои дуплата круна во Норвешка. За амбициозниот тим освоените титули во Супер лигата и во Купот беа први во неговата клупска историја. Колстад следната сезона ќе го има дебитанскиот настап во Лигата на шампионите. Норвешкиот шампион настапот во елитата го обезбеди откако доби вајлд-карта од ЕХФ. Клубот ќе биде посилен со еден од најдобрите ракометари на светот, средниот бек Сандер Сагосен.

УНГАРИЈА

Тимот на Веспрем го прекина двегодишниот пост без титула во домашниот шампионат. Избраниците на Момир Илиќ во мајсторката против ПИК Сегед славеа со 31:26 и стигнаа до посакуваната цел. Веспрем покрај титулата во националниот шампионат, успеа да го освои и Куп трофејот.

ЧЕШКА

Талент Плзен каде што игра македонскиот интернационалец Никола Костески стана нов шампион на Чешка. Плзен предводен од Костески славеше во мајсторката против Бањик Карвина со 30-25 и ја доби серијата со 3-2, иако губеше со 2-0.

РУСИЈА

По долгата доминација на Чеховски Медведи во рускиот шампионат, конечно некој друг тим стана првак. ЦСКА Москва каде што играат двајца екс вардарци, Данил Шишкарев и Дмитри Кисељов, во финалната серија со 2-0 во победи славеше против Пермски Медведи.

ШВАЈЦАРИЈА

Иако Кадетен Шафхаузен не дојде до Куп трофејот во Швајцарија, стигна до првото место во Супер лигата. Кадетен Шафхаузен и претходната сезона беше шампион во Швајцарија, додека 2021 титулата ја освои Винтертур.

ИТАЛИЈА

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Дарио Петровски, заедно со екипата на Јуниор Фасано ја освоија шампионската титула во најквалитетното натпреварување во Италија. Јуниор Фасано беше на чекор да го освои и Купот на Италија, но во финалето беше запрен од Бриксен.

ИЗРАЕЛ

Макаби Ришон Ле Зион, клуб во кој настапува голманот Градимир Чаневски, ја освои шампионската титула во Израел. Голманот од Македонија беше еден од најзаслужните за освоената титула на клубот од Макаби.

ПОЛСКА

Втора сезона по ред Висла предводена од Сергеј Марк Косоротов и Дмитри Житников успеа да му го одземе домашниот Куп на Келце. Сепак, тимот од Плоцк повторно не успеа да ги победи главните ривали во првенството (15-ти пат по ред). Во однос на вкупниот број на титули на Полска, Киелце води со 37:19.

БЕЛОРУСИЈА

Некогашниот учесник во ЛШ, Мешков Брест, го освои 29-от трофеј на домашна сцена.

СЛОВАЧКА

Поважска Бистрица ја прекина 17-годишната доминација на Татран Прешов во словачкиот шампионат.

ФИНСКА

Некогашниот учесник во Лигата на шампионите, Кокс, остана без злато. Титулата во шампионатот на Финска ја освои БК-46. Овој тим до сега има освоено 23 титули на домашна сцена.

ГРЦИЈА

АЕК Атина предводен од некогашниот ракометар на Еурофарм Пелистер, Стипе Мандалиниќ, ја врати шампионската титула земајќи го петтиот трофеј во историјата на националната лига.

ИСЛАНД

ИБВ ја прекина двегодишната победничка серија на Валур и првпат по пет години го освои трофејот на Исланд.

БЕЛГИЈА

За прв пат во лигата во Белгија победи екипата на Изегем од истоимениот град со 26.000 жители.

ХОЛАНДИЈА

Во земјата која ракометот станува се поквалитетен, шампион стана тимот на Хаутен.

ЛУКСЕМБУРГ

Диферданж е новиот шампион во аматерската лига во Луксембург.

КИПАР

Анортозис Фамагуста ја одбрани титулата на Кипар и трет пат по ред ја освои дуплата круна. Од февруари 2020 година, тимот на островот воопшто нема пораз од никого.

ЛИТВАНИЈА

Швиеса направи златен хет-трик, освојувајќи го првенството, Купот и Суперкупот на Литванија Тимот од Вилнус ја одбрани шампионската титула и докажа дека нема конкуренција на домашна сцена.

ЕСТОНИЈА

Полсва Сервити ја освои 8-та по ред и 17-та титула во естонскиот шампионат.

ЛЕТОНИЈА

Добеле Тенакс 5-ти пат по ред стана шампион во најсилното натпреварување во балтичката земја.

БУГАРИЈА

Шумен трет пат по ред ја освои шампионската титула. Оваа екипа во Бугарија има освоено седум титули.

МОЛДАВИЈА

На националното првенство во Молдавија, кое се одржа турнирски, со два круга, учествуваа само 4 екипи. Олим од Кишињев победи на сите шест натпревари и го освои трофејот.

ФАРСКИ ОСТРОВИ

Тимот „Х-71“ стана шампион на островската земја, која во последните две години направи одлични резултати на Европското младинско првенство и Светското првенство за младинци. Овој тим покрај настапите на домашна сцена, учествува и во Европа.

АЗЕРБЕЈЏАН

Академијата за спортови го освои националното првенство во Азербејџан.

ГРУЗИЈА

БСБ од Батуми направи одличен успех земајќи ги двата големи трофеи.

МАЛТА 

Шампионската титула по 5 години ја врати еден од најстарите клубови во земјата – Алоизанс.